„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што по сите книжевни параметри е на ниво на актуелната светска продукција во овој жанр. Романот ќе биде промовиран во среда (14.2.2024), во книжарницата „Литература.мк“ на улица „Македонија“, со почеток во 19 часот.
Деветнаесетгодишната Јулија го напушта родниот Охрид и заминува на студии на Академијата за уметности во Загреб. Цимерката Филипа ја пријавува да учествува на изложба на нови, млади сликари, каде што го запознава студентот на архитектура Адам. На површина испливуваат мрачни тајни од комплексното минато на Јулија што силно ја разнишуваат нејзината романса со Адам. Предавства, сексуално малтретирање, убиства, нарушено ментално здравје... се само дел од низата предизвици со кои се соочуваат таа и другите ликови во овој роман. Ќе успее ли Јулија да ги собере и одново да ги состави скршените делови од себе и од своите блиски и да се избори за љубовта на својот живот?
Ова е накусо содржината на овој напнат, возбудлив и непредвидлив роман со кој Мирческа сериозно зачекорува на македонската книжевна сцена.
Андреа Мирческа е доктор со голема пасија за раскажување. Иако со заднина во медицината, нејзината љубов кон пишаниот збор е водечка сила во нејзиниот живот. Како ненаситен читател, таа црпи инспирација од различните светови и ликови кои се наоѓаат меѓу страниците на нејзините омилени книги.
Кога не е задлабочена во медицината или во некоја добра книга, Андреа сака да патува. Нејзините авантури ја поттикнуваат нејзината креативност, обезбедувајќи свежи перспективи и искуства што често се влеваат во нејзиното пишување. Претпромотивно ни открива детали за нејзината книга...
- „Девојката што ја наслика смртта“ е ваша дебитантска книга. Кажете ни за идејата за настанување на овој роман...
Додека бев на факултет, за време на мојот стаж на Психијатрија, не ме интересираа само менталните болести на пациентите, туку кои се тие навистина, со и без нивната болест. Каков е нивниот живот и што ги прави тоа што се? Пред сè, сакав да дознам: дали може вистински да се сака личност со ментална болест? Сепак, на одделението за психијатрија беа хоспитализирани пациенти со сериозни ментални растројства, чија личност е расцепкана и треба да се состави. Главниот лик на мојот роман, Јулија, е токму таква личност, иако често не е свесна за тоа. Впрочем, главната идеја за книгата настана кога се обидов да си го одговорам прашањето: како би изгледала сродната душа на Јулија? Така настана Адам, а сè што следуваше е историја.
- Приказната во романот е повеќеслојна и настаните ги следиме од неколку перспективи. Како успеавте да ги држите конците докрај со оглед на тоа што во романот има многу ликови, настани и различни временски контексти?
Начинот на кој пишувам се состои од тоа интимно да ги запознам моите ликови. Сакав да знам сè за нив, до најситен детаљ: нивните желби, стравови, минато, детство итн. Животите на сите ликови во мојот роман се на некој начин допрени од траума. На крајот, за мене немаше спореден и главен лик. Сите беа значајни и сите заслужуваа нивната приказна да биде раскажана.
Секако, ми помогна и еден огромен, хаотичен лист хартија со илјада стрелки, датуми и белешки. :)
- Романот жанровски е ситуиран како психолошки трилер со примеси на романса, мистерија и семејна драма. Дали на вас влијаеше читањето книги од овој тип или, пак, се потпревте исклучиво на вашиот талент?
Отсекогаш сум имала бујна фантазија, особено за мистерија. Во мојот град има многу стари, напуштени куќи. Секој пат кога поминувам покрај нив, не можам а да не размислувам за тоа што се случувало во нив, кој живеел, каде завршиле, за мистериите и драмите што се одвивале во нив. Кои се деталите во нивните животи што однадвор не изгледаат како нешто особено?
- Во книгата мајсторски успевате на едно чудо ликови да им дадете дистинктивен глас, детално да ги опишете на ниво на психолошки профили и во сето тоа да вметнете фина нишка на поетичност и дозирана емотивност. Во што е тајната?
Тајната е во искрен интерес за нив. Никогаш не престанав да размислувам и да им ги создавам карактерите. Тие си доаѓаа органски и без цензура ги раскажував нивните најдлабоки мисли и чувства.
- Каква порака сакате да пренесете до читателите и пишувате ли нешто ново?
Јас секогаш пишувам, моите фиоки се полни со тетратки. Најтешко ми е да се одлучам која идеја ќе ја следам докрај. :)
Во однос на крајната порака, таа е одговор на првото прашање со кое го почнав романот: Дали може да се сака личност како Јулија?
Одговорот е дефинитивно да. Сите луѓе сме една слика со различни мотиви и бои, што ги сликаме како што живееме. Дури и за луѓе чии бои се доминантно темни, постои некој чии бои совршено му одговараат. Настаните што ни се случуваат се крајно мистериозни и поврзани, заедно со луѓето кои доаѓаат во нашите животи.