Интервјуа

Маја Мишевска: Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив

06.07.2023.
Маја Мишевска: Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив
Маја Мишевска: Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив

Темнината не е страшна! Дружељубивоста е важна! Упорноста се исплати! Другарството е богатство! Ова се главните пораки на сликовниците од младата авторка Маја Мишевска, објавени под едицијата „Железница на чувствата“, во рамките на импринтот „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Досега од печат се излезени: „Бувот Оли“, „Гасеницата Кики“, „Мравката Тони“ и „Бумбарот Боби“, а наскоро се очекува и објавувањето на „Слонот Кире“, „Делфинот Дуле“ и „Коњчето Искра“. Приказните се живописно илустрирани од познатиот и афирмиран илустратор Михајло Димитриевски – Тхе Мичо.

Приказната зад приказните на Маја Мишевска е благородна и многу интересна. Имено, кога Маја имала десет години, а нејзиниот брат Стефан бил петгодишно дете, забележала дека брат ѝ се плаши од темнина. За да му помогне да сфати дека темнината не е ништо посебно, Маја му раскажала приказна за бувот Оли. Така се родил истоимениот расказ. По таа приказна, Маја почнала да пишува уште неколку раскази за нејзиниот брат, што ќе му помогнат да се справи и со други нешта, на пример, првиот училиштен ден, потребата секогаш да се биде прв, да се биде постојано подготвен за секоја пригода итн. Маја сфатила дека нејзините приказни се податливи за споделување и одлучила да ги илустрира и да ги пласира на онлајн-продавницата „Амазон.ком“, во верзија за електронски читач „киндл“, на англиски јазик. Во меѓувреме, приказните на Маја станаа сликовници на македонски јазик, што секому можат да му бидат од корист кога ќе му притреба самодоверба, поддршка, поттик, истрајност или, едноставно, кога ќе посака да си помине квалитетно време со забавна и поучна книга.

По повод објавувањето на сликовниците разговаравме со 19-годишната Маја, која е родум од Битола, штотуку го заврши средното образование во Италија и се подготвува за продолжување на високото образование во САД.

* Од приказни за добра ноќ за своето братче, до сликовници за сите дечиња… Ова е краткиот опис што може да се даде за настанувањето на твојот серијал сликовници. Дали можеш да ни ја пренесеш накратко приказната за тоа како почна приказната зад приказните?

– Пред околу десет години со мајка ми изработувавме играчка од текстил за една хуманитарна акција што се спроведуваше во моето училиште. Целата работа околу играчката беше интересно искуство, при што решив да направам приказна поврзана со нејзиниот карактер. Тогаш мојот брат Стефан беше мал и се плашеше од темнината. Пробав преку приказната да раскажам дека темнината не е ништо страшно, дека никој не треба да се плаши од неа и така се роди приказната за бувот Оли. Му ја прочитав на брат ми на англиски јазик, бидејќи во тоа време тој сакаше да зборува на англиски. На некој начин, приказната ми дозволи да му го пренесам моето искуство и да го изградам мојот однос со него. Откако моите родители ја прочитаа, ми рекоа дека е добра детска приказна што носи позитивна порака. Оттука почна идејата да креирам и други приказни на англиски јазик. Секако, и темите беа поврзани за тоа што мојот брат допрва треба да го искуси и сакав преку секоја приказна да му дадам поддршка, поттик или охрабрување во ситуациите што го чекаа допрва. Стефан сега е тинејџер, како растевме и двајцата се пронајдовме во некои заеднички интереси, но приказните останаа силна алка меѓу нас двајцата.

* Колку време се создаваше овој серијал од седум приказни? Дали можеби, во меѓувреме, се роди и осма приказна?

– Уште на почетокот ги имав нацртите во глава, сѐ што требаше е да ги напишам. Процесот беше подолг, бидејќи секоја приказна одново и одново се градеше, се менуваа акциите, но главната порака на приказната остануваше. По неколку месеци имав седум полуготови приказни, секоја со посебен карактер и посебна порака. Процесот на доработка траеше година и пол. Кога веќе беа готови, ангажиравме лектор да ја подобри структурата и конечно приказните ја добија својата финална форма. По лекторирањето, приказните беа испратени за илустрирање и по неколку месеци ги имавме првите дизајни на сликовниците.

* Каков е досегашниот фидбек за сликовниците? Кој профил на читатели најмногу ги прифатија книгите? За која возраст се најсоодветни сликовниците?

– На мое изненадување, книгите се прифатени одлично, од родителите на мали деца и од децата. Информациите што ги примам од моите родители е дека многу нивни познајници им ги барале преостанатите три книги, кои сè уште не се излезени, бидејќи нивните деца сакале уште такви приказни. Тоа ме прави особено горда, дека напишаното навистина му носи вредност некому. Сликовниците се пишувани за публика од пет- до осум-годишна возраст и за таа публика се најсоодветни. Кратки се и интересни со живи бои и илустрации.

* Во секоја од твоите седум сликовници има главен лик , кој е животно или инсект. Зошто се реши приказните да ги раскажеш преку животните и која е нивната поврзаност со главната порака на приказната?

– За приказните црпев инспирација од најразлични моменти со моите пријатели на училиште и дома и од некои веќе прочитани книги. Карактерите ги замислував како животни, за да направам разлика помеѓу секоја приказна и со цел секој од нив да биде носечки лик со којшто можеме да се идентификуваме или да се поврземе во некоја ситуација или со некоја особина. Приказните се напишани така што имаат еден главен карактер што има цел на децата да им пренесе некаква порака. Првата приказна што излезе е „Мравката Тони“ или „Anthony the ant“. Тони е мравка која сакаше да учествува во игри што се организираат во градината од страна на сите бубачки. Тој учествувал во повеќе натпревари, како што се: брзо трчање, скокање во височина, уметничко танцување, нуркање и друго. На крајот, на негово изненадување, победил во кревање тегови што ја дава пораката дека сите имаме нешто во што можеме да бидеме добри. И преостанатите шест приказни имаат своја порака. Така, на пример, бумбарот Боби нѐ учи дека не треба да се плашиме од нови искуства, гасеницата Кики нѐ учи дека во пријателството треба и да се дава, а слонот Кире дека треба да бидеме упорни во она што го правиме. Бувот Оли, пак, нѐ учи да не се плашиме од мракот и темнината, делфинот Дуле дека треба да им се помага на оние на коишто им е потребна помош, а коњчето Искра дека со патување во нашите мисли можеме да откриваме нови светови. Сите овие пораки треба да им помогнат на децата полесно да го прифатат светот околу нив.

* Книгите се илустрирани од познатиот илустратор Михајло Димитриевски – Тхе Мичо. Колку тој ги создаде така како што ти ги замислуваше ликовите и како со неговиот визуелен приказ ја дополнува секоја приказна?

– Тхе Мичо е илустратор кој многу го ценам, бидејќи и јас користам компјутерска илустрација и визуелна уметност. Но, во тоа време не знаев кој е. По препорака на моите родители, тој ги направи илустрациите. Затоа што секој уметник има свој пристап и свој начин, Тхе Мичо успеа преку неговиот стил да ги доближи ликовите од приказната. Ми се допадна и неговата идеја секоја приказна да ја носи една боја, која понатаму стана и боја на корицата. Неговите илустрации се лесни, со одлична имагинација и доволно простор секој да може да ги оживее во својата глава.

* Книгите за деца често се со некоја поука и порака до децата. Кои се главните поенти што им ги пренесуваш на младите читатели со секоја од твоите седум сликовници? Колку е важно книгите за деца да имаат едукативен и воспитен сегмент?

– Кога ги пишував приказните, тоа можеби и ми беше најголемиот мотив. И самата поминував низ повеќе фази како дете и во некои моменти, како што се пријателствата, првиот ден на училиште, да се биде добар на училиште или во некој натпревар, неочекувани искуства… сите овие работи носат предизвици, особено за децата кои сè уште го откриваат светот.

* Кое е значењето на сликовниците (и општо книгите за деца) во растењето на децата? Каква улога одиграа тие во твоето детство?

– Мислам дека, првенствено, сликовниците имаат големо значење за сегашните генерации деца, а уште повеќе ќе имаат и за идните. Под ова мислам на бумот и на ширењето на дигиталната технологија и пристапот до неа на децата од најмала возраст. Децата се преплавени со широк избор на видеа, цртани филмови, игри и други дигитални содржини. Но, никоја од нив не може да ја замени сликовницата: читање приказни пред спиење; заедничко имитирање гласови и звуци; фантазирање и поттикнување на креативноста при секое повторно читање; љубопитни прашања од децата и учење на нови работи. На помала возраст, чинот на заедничко читање ја поттикнува и ја зголемува блискоста меѓу детето и родителот. А кога децата се веќе писмени секако секоја нова прочитана сликовница или книга значи збогатување на речникот и неосетно учење како подобро да се изразуваме со зборови. Оттука мислам дека дадов одговор и на вашето второ прашање, бидејќи моето прво читачко искуство беше заедничко читање на сликовниците со мајка ми. Колку што се сеќавам, тоа беа класиците од браќата Грим.

* Затоа што си релативно ново име на нашата книжевна сцена, можеш ли да ни откриеш малку повеќе за себе?

– Родена сум во Битола, каде што живеев и го завршив основното училиште. Пред почетокот на средното училиште се преселивме со семејството во Скопје и таму се запишав во гимназијата „Орце Николов“, каде што ги учев првите години од средното училиште. Во 2021 година добив стипендија од Обединетите светски колеџи (United World Colleges) за колеџот СОК „Адриатик“ во гратчето Дуино, Италија. Таму годинава ја завршив Меѓународната програма за диплома за бакалауреат (International Baccalaureate Diploma). Во последните години не пишував премногу, бидејќи училиштето ми беше главен фокус, но секогаш кога имав можност го правев тоа. Така, на пример, на колеџот го уредував и го водев училишниот весник „Адријатик тајмс“, ја водев работилницата за „ЗИНЕ“ за Месецот на гордоста и за Месецот на историјата на жените и пишував за време на проектната недела на тема антифашизмот во Италија. Како дел од училиштето, особен предизвик ми беше проширениот есеј (extended essay) по англиски јазик и литература за рекламите на ПЕТА и претставувањето на жените во нив. Летово имам малку повеќе слободно време и уживам да читам книги додека се подготвувам за следната фаза од моето школување – студирање на универзитетот Браун во САД.

* Колку во реализација на твојот сон и замисла за книгите учествуваа твоите родители? Каква беше нивната поддршка?

– Најголемата поддршка ја имам од моето семејство, моите родители и брат ми Стефан. Мајка ми и татко ми ме поддржуваа од моментот кога изразив желба да пишувам, преку илустрирањето на приказните, објавувањето на „Киндл-Амазон“ до преводот на „Арс Ламина“ и објавувањето на македонски јазик. Поддршката што ми ја даде моето семејство, не само во пишувањето туку и во целокупното дејствување, ми овозможи да ги исполнам моите интереси и да чекорам по посакуваниот пат.

* Кои книги и кои автори најчесто ги читаш и дали имаш желба да продолжиш со пишувањето?

– Мојот интерес многу дивергираше во последните десетина години. Мојот идентитет настојуваше да почнам повеќе да се интересирам за визуелното изразување, претставувањето на жените во уметноста, еко-феминизмот, економијата и капитализмот и други теми што ми се од главен интерес деновиве, покрај моето училиште. Така, сега, мои омилени автори се Маргарет Атвуд, Силвија Плат и Џамејка Кинкејд. Моја омилена литература во моментот се: „Куќа на психотични жени“, „Луси“, „Мојата година на одмор и релаксација“ и „Утро во изгорената куќа“. Желбата за пишување ми се трансформира во желба за активизам и ако продолжам да пишувам, тогаш фокусот би бил друг. Она што би задржала во моето пишување е идејата преку моето пишување да им помогнам на другите.

Сликовниците „Бувот Оли“, „Гасеницата Кики“, „Мравката Тони“ и „Бумбарот Боби“,  се достапни во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

 

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
13.
Feb.
Интервјуа
Дејан Василевски - добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија....
15.
Sep.
Интервјуа
Зошто сјајот и бедата на славата ѝ се толку инспиративни и како ги прикажува во романите ни открива авторката на бестселерите: „Дејзи Џонс енд Д с...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.64 MB