Интервјуа

Наталија Лукомска: Илустрациите од сликовниците ја поттикнуваат имагинацијата на децата

13.04.2023.
Наталија Лукомска: Илустрациите од сликовниците ја поттикнуваат имагинацијата на децата

Една обична боичка се вљуби во портокалов фломастер. Но, на фломастерот воопшто не му беше гајле за таа љубов... Ова е вовед во приказната на новата сликовница „Ремек-дело“ на познатиот српски автор за деца Дејан Алексиќ, која неодамна излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Сликовницата е направена од еден расказ од најновата збирка – „Малку-малку па слон“, добитник на наградата „Душан Радовиќ“ за 2022 година. Духовитата приказна за една загадочна љубов помеѓу фломастер и дрвена боичка, „дораскажана“ со илустрациите на Наталија Лукомска, е вистинско освежување за децата и за сите што некогаш биле деца. Смешна, топла, лирска и алегорична, оваа сликовница е потрага по универзалната тајна на љубовта меѓу живите и неживите нешта од нашето опкружување. Тајна голема како срце, како ненадејна боја во сивилото на секојдневието; љубов – необична и посебна како портокалова коцкеста слива, како детска фантазија скриена во училишните ранци.

„Ремек-дело“ ја претставуваме во рамките на кампањата „Магијата на приказните“, во чиј фокус се сликовниците за деца. По тој повод разговаравме со полската илустраторка која живее и работи во Македонија, Наталија Лукомска.

* Колку е важно на децата да им се чита и да им се раскажува приказни од најрана возраст?

– Способноста за измислување и раскажување приказна е добро развиена способност на човечкиот вид. Човекот не постои без приказна, со приказната отсекогаш си го објаснувал светот. Во таа смисла, приказната е природна алатка за комуникација, спознавање и замислување на можни и неможни сценарија. Читајќи и раскажувајќи, ја вежбаме вештината за реално и/или метафорично опишување на светот. Не можам да си замислам свет без приказна, ги создаваме секојдневно во различни пригоди. Постојано ѝ се чудам на фикцијата и на нејзината чудесна способност да нѐ подготви за секаква ситуација. И во тој поглед сметам дека раскажувањето (читањето) е еден од најважните сегменти за развој на еден човек, од раѓањето, па низ целиот живот. Колку повеќе приказни, толку повеќе светови, знаење и способности.

* Со какви книги бевте опкружена додека растевте во Полска. Кои ти беа омилените сликовници како дете?

– Како дете, опкружена бев со полски книги, а највпечатливи ми беа приказните и поезијата на Jaн Бжехва (на пример, „Академијата на господинот Клекс“) или песните од Јулијан Тувим, како и старите, романтичарски бајки на Игнаци Крашицки. Секако, растев и со класиката на европската бајка. Исто така, огромен впечаток ми оставија некои врвни полски илустратори, претставници на полската школа на илустрација, како што се Јузеф Вилкоњ, Олга Шемашко или Јан Шанцер.

* Децата најпрвин го откриваат светот на книгите преку изборот што им го прават родителите. Колку со вашиот избор влијаете на литературните преференции на вашата ќерка?

– Изборот е огромен, земајќи предвид дека пред ќерка ми е отворен како македонскиот, така и полскиот пазар за книги за деца, кој е многу голем и, можам да кажам, извонреден. Често посегнуваме по полски современи автори, писатели и илустратори. Долго време, кога ќерка ми беше мала, омилена ни беше сликовницата „Гратчето МАМОКО“ од Александра и Даниел Мижелињски, која претставува сет комплексни, богати илустрации, низ кои детето со родителот бараат детали, ликови, места, случки, ги поврзуваат и врз нивна основа градат своја приказна, секојпат различна. Секако, купуваме и книги од наши омилени современи полски илустратори, како што се Емилија Ѓубак, Маќеј Шиманович, Гражина Ригал и др.

* Колку се важни илустрациите во раскажувањето на приказната? Која е нивната улога?

– Илустрациите ја поттикнуваат имагинацијата на децата. Пред сѐ, тие се уште една (паралелно со зборот) алатка за толкување значења, за интерпретација и поттик за измислување, мечтаење и создавање нови приказни. Но, што е многу важно според мене, илустрациите се една од првите допирни точки на младиот човек со уметноста. Оттаму децата учат за естетиката и за смислата на уметноста. Преку непосреден контакт со добра книжевност и квалитетна уметност од мали нозе, стануваат повнимателни и почувствителни луѓе. Исто така, илустрациите се како печат што во нашата меморија остава ликови од приказните од детството – не ги паметиме детално настаните од книгите, но точно знаеме да опишеме како изгледале ликовите од старите изданија. На пример, споменатиот господин Клекс не можам да си го замислам поинаку отколку како што го нацртал Јан Марќин Шанцер. Истото можам да го кажам и за „Палешка“ – сказната на Ханс Кристијан Андерсен, нацртана од Олга Шемашко. Тие ликови, тие сцени се дел од културолошката меморија на цели генерации.

* За што се раскажува во „Ремек-дело“. Како ја доживеа приказната откако ја прочита првпат?

– „Ремек-дело“ е духовита приказна за една навидум невозможна љубов, која станува можна кога меѓу себе ќе се препознаат две сродни души. За уметноста што нѐ прави почувствителни. За отвореноста и толеранцијата кон другиот. За истрајноста во исполнувањето мечти. Тие теми ми се многу блиски и важни. Дополнително значење имаше и тоа дека приказната ја работев во јули минатата година, поминувајќи го својот одмор во едно село во Полска, а бидејќи летото и љубовта се одличен пар, одлично ми се работеше на илустрациите. Беспрекорно одеше и соработката со целиот тим од „Арс Ламина“ и со авторот, кои потполно ми веруваа и ми дадоа слобода во творечкиот процес во кој уживав.

* Каков предизвик беше да се илустрираат двата навидум необични главни протагонисти: боичка и фломастер?

– Тоа навистина беше голем предизвик за мене. Се сеќавам дека уште кога уредничката Оливера Ќорвезироска ми го понуди текстот на Дејан Алексиќ за илустрирање, ја споделив со неа мојата загриженост дека не знам како ќе успеам да ги создадам ликовите како фломастер или боичка, а да бидат оживеани, вистински, автентични. И како да ја сместам целата приказна во еден тесен и необичен кадар како што е училишниот прибор... Се надевам дека ми успеа.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

30.
Nov.
Интервјуа
На македонските читатели Маша Колановиќ им стана позната преку преводите на издавачката куќа „Арс Ламина“ на романот за млади и возрасни „Б...
14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
13.
Feb.
Интервјуа
Дејан Василевски - добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија....
15.
Sep.
Интервјуа
Зошто сјајот и бедата на славата ѝ се толку инспиративни и како ги прикажува во романите ни открива авторката на бестселерите: „Дејзи Џонс енд Д с...
06.
Jul.
Интервјуа
Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.98 MB