Интервјуа

Јана Мишо: Се надевам дека еден ден ќе ја сретнам вистинската Лулу – жена еднорог која работи во ковачница

01.03.2023.
Јана Мишо: Се надевам дека еден ден ќе ја сретнам вистинската Лулу – жена еднорог која работи во ковачница

Среќа е полна шолја со омиленото кафе и добра книга. Тоа е одлична најава за убаво поминато време, но и совршено бегство од секојдневието. Во пријатниот амбиент на „Кафе Литература“, во срцето веќе добро познатата книжарница „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“, неодамна се одржа еден таков совршен спој на вкусното кафе и книжевноста. Во рамките на двонеделниот настан „Денови на литературата“, писателката Јана Мишо оствари книжевна кафе-дружба со своите читатели.

Во фокусот на настанот беше нејзиниот последниот роман за возрасни „Лулу“, но се зборуваше и за многу други теми. Да потсетиме, „Лулу“, која е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е приказна за девојка која работи во една од последните класични ковачници во градот. Откако ќе избега од животот до кој не може да си објасни како стигнала, Лулу решава да се затвори над чекан и наковална, без некоја посебна возбуда и, се разбира – не ѝ успева. Влегува во свет на преиспитување, самобендисани автори и Гертруда Стајн. На лажни и вистински луѓе, на неочекувани ракописи и комплицирани односи. Приказна во која жените немаат време да размислуваат дали живеат во машки свет, напротив – сами се спасуваат.

* Обично, сите ги прашуваат писателите што пишуваат и што напишале последно... но ние би го почнале разговорот со „што читаш периодов“?

– Со оглед на тоа што периодов пишувам хорор-приказна, преферирам да читам хорор. Ако прочитам нешто друго ќе ми пречи и ќе ме наведе во друга насока. Периодов го читам култниот хорор-роман „Сјаење“ од Стивен Кинг, кој ми се чини близок и инспиративен по пристапот, сензибилитетот и по градењето сценографија и ликови... Неодамна ја прочитав повторно „Кодот на Да Винчи“ и си реков, кога ќе завршам конечно ќе ја препрочитам и „Мајсторот и Маргарита“. Но, сфатив дека тоа ќе ме занесе тотално во друг правец (затоа што сум таков карактер). Затоа, решив сепак да ја читам „Сјаење“.

* Во неформален разговор спомена дека деновиве ја препрочита и твојата книга „Лулу“, последна од твојата литература за возрасни. Како ти се чинеше сега, од агол на читател и преведувач на книгата? Како ја доживеа, ги преживеа ли моментите на Лулу повторно?

– Како и претходните мои книги, и оваа е толкупати препрочитана за да биде испратена во најдобар можен ред кај уредникот. Со препрочитувањето, се потсетив на сите ситуации на ликовите и мислам дека проблем на сите писатели е дека кога ќе ја напишеш книгата, кога ќе ја завршиш книгата и кога ќе се испечати, веќе ти е надмината. И кога ќе се навратиш, тоа е како да се навраќаш на нешто што не ти е веќе интересно, паметот ти е на друга страна на нешто што ти е интересно во моментот, така што – ДА, преживеав некои нешта повторно, но главно беше практично читањето да се подготви за продажба на „Амазон“, па читањето го поминав работно.

* Претходните книги, „Скоро парижанка“ и „Анаис од Монмартр“, прво ги напиша на англиски јазик, па на македонски. „Лулу“, пак, ја напиша прво на македонски. Како ти одеше при преведување сега на англиски? Што ти е полесно, првичното пишување на англиски или на македонски јазик?

– Интересно е што „Лулу“ исто ја почнав прво на англиски, па паралелно ја пишував и на македонски јазик. Меѓутоа, во еден момент престанав да ги правам сите ажурирања во англиската верзија и продолжив само со македонската. Затоа ми требаше малку време да ја спремам на англиски, требаше да се доправат ситници и, всушност, најтешко е да се најде волјата да се средат тие ситници и тоа е потешко од пишувањето. А тоа дека е двојна работа, е! Не е баш едноставно, ама сум се фатила на тоа оро.

* Кога настана „Лулу“? Во кој момент реши да направиш ваква приказна, да ја напишеш и да ја раскажеш? Дали прво настана ликот, па приказната или обратно?

– Искрено, не сум сигурна кога точно настана „Лулу“. Малку ми се во магла последниве неколку години, колку поради пандемија, толку и поради сите други случувања, и не сум сигурна што беше прво. Меѓутоа, со оглед на тоа како ми функционира главата за книги пишување, веројатно почнало од една одредена ситуација. Значи, не било ниту лик, ниту наслов, ни цела приказна, туку кај мене почнува од дијалог или од ситуација. Како би било кога би било нешто. И најверојатно било така и со „Лулу“.

* Дали Лулу е лик кој можеби потајно си посакала да го прочиташ во македонската литература додека си била во тие развојни години? Колку овој лик за новите девојчиња е некаков пример надвор од постојните книги за како треба да се однесува девојка, кои се очекувањата од општеството од неа? Дали е некое твое одложување или, пак, комуникација со Јана од пред 10-15 години?

– Мислам дека ретко комуницирам со себе од претходно, завршена е таа работа... Во македонската литература има многу јаки и успешни жени, ама на тие ликови им се пристапува некако поинаку, можеби не баш од современа гледна точка. „Лулу“ е лик кој едноставно одбива да ги прифати зададените норми... Лулу не е автобиографски лик, меѓутоа ја пронаоѓам кај повеќе нешта. Уште на почетокот на книгата таа се соочува со една работа, што требала да ја направи, но одлучува дека нема да ја направи и фаќа друг пат. Се гледа себеси во други луѓе, некоја поранешна себеси и се прашува „што ако не тргнав по тој пат, ќе ми беше вака“. И плус од комерцијална гледна точка, ми беше интересно да направам лик, женски лик, кој се занимава со машки занает. Притоа, да направам и една спротивност во ликот, ако е женски лик кој се занимава со машки занает, но ја интересира нешто тотално неповрзано со тоа. На некој начин, ова е порака дека луѓето не се еднодимензионални, дека има повеќе аспекти во нив и дека, едноставно, можеш да бидеш многу нешта и не мора едно да се коси со друго. Можеш да тераш по свое, не го менуваш светот со тоа.

* Дали откако излезе книгата можеби ти се јави некоја жена, девојка, која работи некоја ваква необична професија да ти раскаже дека се пронашла во приказната? Имаме ли жени кои работат во ковачница?

– Не, за жал, штом јас не го направив тоа на толку желба... Би сакала да ми се јави некоја и да ме викне да ја гледам како работи, ама, за жал, занаетите кај нас, општо, умираат во последно време, уште и да најдеш жена во таков занает, мислам дека ќе биде еднорог!

* Лулу како личност, но и нејзиното име значи уникатна, посебна личност. Колку ти е важно главниот лик, пред сѐ, да биде жена (бидејќи досега главни протагонисти во твоите дела се девојки и жени) и колку дел од твојот глас и твојата личност се прецртува на нив? Дали при пишувањето имаш вметнато нешто твое автобиографско, твои реченици и твои размислувања во неа?

– Добро, често ми се случува тоа. Значи, ниеден лик не е автобиографски, ама затоа што ликовите современи девојки и жени функционираат во урбана средина, не можеш да избегаш сосема од себе. Не инсистирам главниот лик да ми биде женски. Тоа веројатно природно си доаѓа. Тоа искуство ти е познато, тоа искуство го работиш, иако би било интересно да се истражи и машки лик, би пишувала од аспект на машки лик.

* Како да го поттикнеш машкиот читател да ја прочита „Лулу“? Што ќе најдат мажите интересно во оваа книга?

– Можам само од искуство да кажам дека тоа што ми претставува големо задоволство е дека мажи од сите возрасти се пронаоѓаат и им е забавно да ги читаат книгите. Сметам дека, без разлика што јас сум женско, што главниот лик е женско, моите книгите немаат пол. Факт е дека можеби жените повеќе читаат, можеби жените повеќе би ги читале моите книги, ама не би можела да кажам дека ова е книга за женски и само на жените ќе им биде интересно. Барем од тоа што го слушам, на различни профили, различни возрасти, различни мажи им е интересно.

* Дали при пишувањето на книгата ја замисли и како некоја серија или во филмувана верзија?

– Кога пишувам, приказните можеби ги гледам како филм, но за волја на вистината, ликовите често ми немаат карактеристики на лице, често ми се бланко. Знам приближно како изгледаат и може, на пример, да ми се појави некој, дали на социјалните мрежи и во другите медиуми, популарен лик, популарен човек или нешто такво, знам да кажам „а ти си тој, таква ти е фацата“. Лулу сè уште ми е бланко. Си го гледам јас како филм тоа пред мене и си ги замислувам како би изгледало, веројатно така функционираат сите, така пишуваат. Ама, дали очекувам да се филмува? Супер би било да се филмува тоа, само што сум малку реална и сѐ во свое време можеби...

* Кои женски ликови тебе те инспирираат најмногу и кои автори најмногу ги читаш?

– Морам да признам, авторите кои најчесто ги читам се машки. Желбата на Лулу за делата на Хемингвеј е всушност автобиографска, „украдена“ е од мене. Литературата што ја читам забележувам дека малку и нема врска со тоа што сум го пишувала досега. Во еден момент не знаев да одговорам кој ми е омилен жанр, па ги загледав книгите што ми се омилени и авторите и отидов да видам за какви всушност се сметаат тие книги. Тоа се книги со критика на општеството, сатира, но главно се базираат на меѓучовечки односи, нешто што ме интересира и ме инспирира мене. Женски ликови што ми се инспирација во моментов немам, ќе морам да се навратам на тоа во некоја следна пригода.

* Во моментов рече дека пишуваш хорор. За што станува збор, дали нов роман или збирка раскази?

– Прво напишав расказ што и не знам како да го класифицирам, веројатно води кон хорор. Отсекогаш сум имала желба да напишам хорор-приказна. Дури кога почнував со пишување, цело време нешто не наведуваше натаму и не очекував дека првиот роман, и вториот и третиот, ќе ми биде во друг правец. Решив да пробам да го сменам жанрот, да видам дали ќе ми успее да биде хорор, да видиме сите заедно, затоа што и јас не сум сигурна докрај. Обработувам приказна што нема врска со хумор. Имам бета-читатели, први читатели, на кои им ги давам ракописите да ги прочитаат за да проверам како изгледа отстрана. Тие се зачудија, велејќи, „овде немаш хумор“, така што веројатно сум на вистинскиот пат, треба да биде страшна книгата.

Романот „Лулу“ е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk, на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14547

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
13.
Feb.
Интервјуа
Дејан Василевски - добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија....
15.
Sep.
Интервјуа
Зошто сјајот и бедата на славата ѝ се толку инспиративни и како ги прикажува во романите ни открива авторката на бестселерите: „Дејзи Џонс енд Д с...
06.
Jul.
Интервјуа
Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив
array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.64 MB