Интервјуа

Билјана Лотеска: Сликовницата Жолти чорапи им ги открива на децата сите бои на емоциите

30.12.2022.
Билјана Лотеска: Сликовницата Жолти чорапи им ги открива на децата сите бои на емоциите

Триесетгодишната работа како воспитувачка во детска градинка, едукаторката и авторка Билјана Лотеска деновиве ја круниса со објавувањето на својата прва сликовница „Жолти чорапи“, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Станува збор за топла, лирска приказна за препознавање на чувствата кај децата раскажана на лесен, забавен и симболичен начин преку вселувањето на добродушниот Бувко во една нова шума. Сакајќи да се запознае и да се спријатели со соседите, Бувко секому му подарува соодветен подарок и на крајот сите животни стануваат посреќни. „Жолти чорапи“ поттикнува на запознавање и го негува пријателството. Децата, освен што можат да уживаат во оваа приказна, можат и да учествуваат во неа преку работниот додаток на крајот од сликовницата. По повод објавувањето на книгата разговаравме со Лотеска.

* Кога и како се роди идејата да ја напишете вашата прва сликовница „Жолти чорапи“?

– Во мојата триесетгодишна директна работа со деца во детска градинка и со деца од сите возрасти од три до шест години, не само што перманентно се образував, а со тоа својата работа си ја унапредував, туку направив и чекори „од 1.000 милји“, што резултира со потребата и самата да почнам да творам. Значи, во мојот случај, еднакво во љубов стојат мојата искрена желба на децата да им го подарам сето она што го знам, но и да им ја постелам нивната животна патека со многу убави остварливи желби и уште поконкретни успеси во нивниот живот. А, идејата за приказната во мене зрееше од поодамна и имав можност прво да ја реализирам како драматизација, а потоа ја ставив на хартија со цел сликовницата да задоволи три задачи: да изврши психосоцијална инспирација и збогатување на речникот на децата, второ да ја покаже моќта и големината на нашиот македонски јазик дека може да се раскаже и најсуптилното и највозвишеното од човековата психа и желба и, трето, еднакво важно сликовницата „Жолти чорапи“ да најде пат до родителите на оние чии деца се во градинка, но и на оние чии деца не посетуваат градинка. Ја користам оваа можност да ѝ се заблагодарам на уредничката, истакната македонска писателка Оливера Ќорвезироска, за сѐ што направи „Жолти чорапи“ да изгледа вака, истото се однесува и за илустраторката Катерина Трајановска, како и за целиот тим на „Арс Ламина“.

* Како настанаа главните ликови: Бувко, Лиска, Ешко, Волчко, Меца, Верка, Зајко Брзоноговски? Дали се инспирирани по вистински личности од Вашето секојдневие?

– Инспирацијата за мојата сликовница можеби траеше долго, но во еден миг како да исплива, работејќи со децата на развојот на социоемоционалното учење. Прво, од кога се вооружав со знаење од психологијата за значењето на животните во психата на децата и нивната желба да ги сознаваат преку приказна, сето тоа имав можност да го проверувам во практиката, создавајќи можности, децата да ги доживуваат животните низ радост, задоволство и смеа, а преку нивните постапки ненаметливо, но сугестивно да ги подготвувам за нивниот живот. Основно, сакав да се животни кои ги има во Македонија, животни за кои слушале многу приказни, но сега во една модерна верзија/приказна.

* Која е симболиката зад жолтите чорапи? Како ја направивте конекцијата на емоциите со боите?

– Приодот за приказната беше диктиран директно од програмата за работа, но и од желбата за стекнување на нови знаења од теоријата на боите, од односот на животните во природата и нивното заемно живеење и желбата колку што е можно повеќе да внесам елементи што ќе ја направат приказната прифатлива за сите деца кои ќе ја користат. А мене ме поттикнаа и детските цртежи и боите што ги користеа додека цртаа, вклучувајќи ги сите активности и игри за емоциите. Уште првиот поглед на цртежите на децата ми кажува која боја доминира кај секое дете, односно која боја најчесто ја користело тоа дете. Најчесто, изборот на боја се базира на предиспозицијата и на афинитетот која боја ја сака, но и на тоа што мисли детето дека претставува таа боја. Како што цртежот ми кажува за карактерот на детето во мигот на цртањето, така и бојата е таа што покажува многу нешта. Според психолошките податоци, на пример, сината боја ја сакаат грижливите деца, кои уживаат во друштво. Една од боите што најмногу ја користат малите деца е црвената, која е боја на еуфоријата. Таа боја особено ја користат љубопитните деца и оние што не сакаат да пропуштат ништо. Децата, пак, кои сакаат да бидат различни, ја сакаат уште и слободата и природата и се многу интелигентни, често користат зелени тонови. Жолтата боја, исто така, ја симболизира интелигенцијата и веселата природа на детето. Дете кое сака да презема иницијатива, кое е самоуверено во себе, се одлучува за црна или виолетова. Во практиката, сината боја децата ја поврзуваат со водата, солзите и затоа тагата ја опишуваат со оваа боја, црвената, пак, ги потсетува на лутина, зелената ја поврзуваат со природата, тревата и така опишуваат кога се спокојни, додека розовата боја ѝ припаѓа на љубовта, а жолтата боја, секако, на среќа, за нив тоа е весела боја. Но, би издвоила нешто што овој празничен период го прават децата, а тоа е употребата на жолтата боја и изразено е нејзиното присуство во нивните цртежи и активности, со цел да се нагласи осветленоста, светилките и свеченоста на моментот. А жолтата е боја што ја избираат децата кои во себе негуваат радост и во тој момент се расположени и среќни. Психолошките сознанија ми даваат поткрепа на она што во практиката програмски го добивам од децата, но треба да се знае дека разните ситуации ни поттикнуваат одредени чувства и дека секое дете е индивидуа сама за себе, значи секој родител (и воспитувач) ќе ја најде бојата на своето дете.

* Сликовниците, и воопшто книгите за деца, покрај уметничката цел, имаат и едукативна мисија, поттикнуваат прашања и даваат некоја поука. Која е порака што им ја праќате на децата преку „Жолти чорапи“?

– Прашањето е премногу актуелно, а одговорот ценам дека треба да биде во духот на современоста и на она што значи модерна литература за деца. Тоа доаѓа како резултат на моето следење на овој тип изданија, а тоа значи дека таквите книги, според тоа и сликовници, мораат да најдат рамнотежа меѓу темата за која пишуваа авторот и илустрациите на илустраторот на сликовница. Одговорот е во следното: темата од минатото треба да се донесе во сегашноста, дивите животни да се припитомат во кажувањето и да ја добијат љубовта на децата, а содржината мора да опфаќа правила што се дефинирани во психологијата и педагогијата под услов да не го слават досегашниот стереотип и да бидат ослободени од пренагласеното мудрување на возрасните. И секако, децата да научат дека е убаво кога ги покажуваме чувствата, а можеме да ги покажеме на различни начини, па дури и со чорапи во боја.

* На крајот од сликовницата има активности за младите читатели. Како се разви тој дел и која е целта на овие вежби? Дали се приспособени за примена во воспитно-образовниот процес?

– Според она колку ги сакам книгите за деца, секогаш велам дека е убаво да се навратиме на нив, прво заради интересната содржина, а второ заради понудените активности и игри на кои ќе се радува детето. Во мојата книга има и дел за родителите на кои, пак, им се дадени предлози за игри што можат да ги играат со своето дете во домот. Целта ми е со тоа да се развиваат логиката и креативноста. Така, тие неколку часа заедничко дружење ќе доведат до среќно детско расположение. А, еве и еден предлог, убаво би било и доколку децата, па и родителите, на нозете да облечат и жолти чорапи. Она што кај мене доаѓа како одглас, потврден и од воспитувачи од други градинки, е фактот што се подготвуваат да ги облечат играчките-животни со чорапи во боја и со нив децата да ја драматизираат приказната. Всушност, се водев и од желбата за креативно реализирање на една програмска цел и задача: во единството на драматизацијата да се постигне и психолошко-едукативен елемент и за учење на значењето на боите, но и за препознавањето, именувањето и покажувањето на своите чувства. Исто така, сметам дека, според програмата за ран детски развој, активностите ќе најдат примена во воспитно-образовниот процес и мојата книга „Жолти чорапи“ ќе биде секаде добредојдена.

* Првиот контакт со книгите децата го имаат преку слушање на приказните што им ги читаат возрасните. Па, така, преку нивниот избор, на некој начин се дефинира и вкусот и љубовта на децата кон книгата... За која возраст е наменета сликовницата и дали има основа од оваа книга да се роди театарска претстава или можеби анимиран филм?

– Ќе ви откријам еден план, кога ја прочитаа сликовницата „Жолти чорапи“, односно приказната за жителите во Зелен рај, воспитувачите во нашата градинка веднаш се договорија: по повод Детската недела, во октомври 2023 година, да ја одиграме пред децата, а во ноември, кога според програмата за работа тема за реализација ни е „Боите на емоциите“, со децата во групите ќе ја драматизираме, а децата, пак, ќе ги цртаат ликовите и заедно ќе измислиме уште некои заеднички игри и активности поврзани со содржината од приказната.

* Работите како воспитувачка на деца во градинката „Детска радост“ – Скопје. Колку овој ангажман наталожи искуство и инспирација за создавање на оваа книга? Колку таа ќе ви користи во секојдневната работа со децата?

– Оваа книга, односно сликовница, ја направив токму за децата и се покажа дека навистина ни користи во секојдневните активности, најмногу кога зборуваме за чувствата. Одамна е познато дека децата го откриваат светот околу себе спонтано и побрзо отколку што си мислиме. Но, помошта што се добива во градинката не само што придонесува за побрзо вклучување на децата во светот на родителите туку и тоа е креативно-психолошка надградба и побрзо развивање на помнењето, откривањето и зрелоста, што квалитетно ќе придонесат „детето во секое дете“ побрзо да се осамостојува, да ја јакне вербата во себе и да го збогатува знаењето за светот околу себе.

* За илустрациите на сликовницата се погрижи Катерина Трајановска, која и самата е авторка на книги за најмладите. Како течеше соработката и колку Катерина ја надополни визуелно приказната?

– Илустраторката Катерина Трајановска ми покажа како може да не познаваш некого, а да му ја погодиш замислата. Затоа што цртам и самата, ликовите искрено ги замислував на некој мој начин, но само што ги видов си реков дека тоа е навистина полн погодок. Она што ме радува, а што сакам да го истакнам во оваа пригода, е што децата лесно ги препознаваат и ги цртаат ликовите од „Жолти чорапи“. Ѝ благодарам на Катерина што ми ги „оживеа“ моите и на децата мили ликови, што е став и на илустраторката. Оваа година реализирав и еден проект, на кој сум автор и кој беше поддржан од Министерството за култура, со наслов „Илустрациите на книгите за деца од македонски автори – поттик за читање и инспирација (1945-1975)“. Ова го споменувам, зашто ме радува дека мојата книга и илустрациите на Катерина ќе се најдат во некој мој проект. На ова само уште би додала дека кај вас на ред за објавување чекаат уште три книги од овој тип, значи интерактивни, кои заедно со „Жолти чорапи“ чинат една моја заедничка целина.

* Мошне сте активна на повеќе полиња, поврзани со подготовка на материјали за деца. Вие сте дел и од тимот соработници на новото списание за предучилишна возраст „Ѕвезди“. Колку ве исполнува овој ангажман и воопшто ваквиот тип активности? Каков е фидбекот кај децата и Вашите колеги?

– Се пронаоѓам во оваа работа, затоа што сметам дека можам да одговорам со сета своја стручност и стекнатото знаење за предучилишното воспитание и образование. Да, работам на подготовка на материјали за деца од предучилишна возраст, а за списанието „Ѕвезди“ би рекла дека дојде во вистинско време да ја збогати издавачката палета за децата од предучилишна возраст и да продолжи со збогатување на литературата за деца. Низ разговорите со колешките би кажала дека фидбекот е одличен, а децата со радост го чекаат секој следен број.

* Кои се најважните моменти од Вашата образовна и професионална биографија? Како се разви интересот и љубовта кон работата со децата и за нив?

– Да бидам искрена, градинката и децата се мојот свет! Како што споменав погоре, триесет години работам со деца од предучилишна возраст. Бескрајно ме исполнува мојата работа. Верувајте ми дека е убаво што секојдневно го будам детето во мене, секојдневно се радувам на мудрите мисли на децата, на нивните искрени и топли прегратки и насмевки... За нив и за себе секојдневно ја будам фантазијата и креативноста во себе и заедно создаваме нов свет, интересни игри, учиме и најмногу од сѐ заедно се смееме... и растеме... До небото да пораснеме!

Сликовницата „Жолти чорапи“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14968

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

30.
Nov.
Интервјуа
На македонските читатели Маша Колановиќ им стана позната преку преводите на издавачката куќа „Арс Ламина“ на романот за млади и возрасни „Б...
14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
13.
Feb.
Интервјуа
Дејан Василевски - добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија....
15.
Sep.
Интервјуа
Зошто сјајот и бедата на славата ѝ се толку инспиративни и како ги прикажува во романите ни открива авторката на бестселерите: „Дејзи Џонс енд Д с...
06.
Jul.
Интервјуа
Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив
array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.01 MB