Од авторот на популарниот и сакан роман „Јас сум Акико“, од младиот наградуван српски писател Стефан Тиќми, неодамна од печат излезе македонскиот превод на неговиот роман „Капут од мов“. Книгата е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Преводот на македонски го направи Дејан Василевски, а уредничка е Оливера Ќорвезироска. Илустрациите се на Добросав Боб Живковиќ.
„Капут од мов“ е поетски роман за созревањето, за осаменоста, за уметноста, за љубовта и за природата како лек против најразличните проблеми на современиот човек заглавен во односите со другите, но и со себеси. Во него има и магичен реализам и епска фантастика и бајковитост, но најмногу од сè го има разгранетиот талент на Тиќми. Во оваа книга ја извишува крошната на својот талент, така што и небото и шумата на книжевноста му прават сè поголемо место. Приказната за Најден, кому на грбот му расте дрво, е приказна за сите наши тежини и товари, но и лирско трасирање на патот по кој треба да заминеме или да се вратиме кон суштината. Топла, креативна, мајсторски засадена приказна никната како чудесен роман. И за деца и за возрасни.
Тиќми, кој живее и работи во Србија, деновиве престојуваше во Скопје. За време на неговото гостување разговаравме за книгата „Капут од мов“.
* Што Ве инспирира да ја напишете книгата „Капут од мов“?
– Во срцевината на секој мој роман и секое мое дело лежи една слика. Буквално како некој „кроки“, краток, недовршен цртеж на модел. Па, така, и „Капут од мов“ настана како некоја скица во магла. На почетокот тоа требаше да биде сликовница за девојче од чии рамена расте дрво, што требаше да ја илустрира Боб Живковиќ. Во периодот пред короната, се изолирав месец и половина и пишував за јунакот Најден. Но, кога требаше ракописот да ја напушти мојата работна соба, се случи пандемијата и изолацијата на целиот свет... „Капут од мов“ доаѓа по романот „Јас сум Акико“, кој на многумина им се допадна, бидејќи е нежна приказна за едно шармантно девојче. Преку „Капут од мов“ сакав да опишам како е кога си Акико, но во поодмината возраст (во тинејџерските години). Како е кога имаш товар на плеќи, што буквално е претставен преку дрвото, кое Најден го носи на грб.
* Која е симболиката зад насловот? Каков е тој капут од мов?
– Кога ќе се изгребе под ракописот на „Капут од мов“, ќе се најде земја од еден остров од моето детство. На тој остров се наоѓа едно дрво, а на дрвото се наоѓам јас, качен како некое мајмунче... Целото детство го поминав опкружен со природа, билки, птици и дрвја, така што, некако ми беше лесно да го пренесам на хартија. „Капут од мов“ во суштината е слика за моето опкружување додека растев, кое дојде некако спонтано. Тоа е некој вид на мајчина утроба од растенија, каде што си заглавен, а на грб ти стои тој капут од мов и те грее и те чува од сите тие зли сили што те опкружуваат.
* Како се најде Најден во приказната? Кажете ни малку повеќе за главниот лик.
– Постои еден класичен пат, кој секој главен јунак (без разлика дали е од книга, филм, серија или анимиран филм) мора да го помине за читателите да се поврзат со приказната. Што се однесува до Најден, сакав да го создадам на начин на кој патот на јунакот ќе се одвива некако во него. Па, така, во некоја смисла, тој е најстатичниот можен главен јунак кој постои. Тоа не е онаа класична нарација, во која водечкиот протагонист поминува низ некоја авантура. Тука, таа авантура се случува во него. Првиот дел од книгата е некој вид на негово самосознавање, со монолози што ги води со себе, за подоцна да прерасне во некој вид карневал, каде што целото гратче се вклучува во таа негова приказна, за да се разреши неговата мака.
* За која читателска публика е наменета книгата и која е нејзината главна порака?
– Приказните ги пишувам со некое свое основно, детско чувство, така што моите книги имаат некој вид мекост, лесна пловност и привлечност. Но, во суштината, се занимаваат со теми што се сериозни и тешки. Судбината на Најден е навистина тешка, тоа е и пораката на книгата, дека преку уметноста луѓето можат да бидат спасени, дека уметноста на крајот може да биде лек, па така целата приказна околу Најден е некој вид утопија... Би направил паралела со книгите. Книжарниците (и книгите) се позначајни и посилни „аптеки“ од аптеките со лекови.
* Каков е приемот на книгата досега и какви се идните планови за Вашите дела?
– „Капут од мов“ влезе во каталогот „Вајт рејвен“, исто како и „Јас сум Акико“. Мило ми е што се меѓу најдобрите 200 детски книги на светот, во изборот на списанието, што го издава Минхенската библиотека (Internationale Jugenbibliothek). Двете книги се на некој начин слични по тоа што даваат литературна поддршка на младите читатели. Се надевам дека книгата ќе биде читана во Македонија и дека ќе допре, пред сѐ, до тинејџерската публика. Мило ми е што „Јас сум Акико“ веќе си го најде својот пат кај тукашната публика. Ме радува и што во моментов во подготовка е претстава базирана на „Јас сум Акико“, од страна на независниот театар „Провокација“. Се очекува да има премиера до крајот на годината.
Книгата „Капут од мов“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн преку www.literatura.mk на следниот линк:
https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14941