Интервјуа

Нина Максимова: Објавувањето на Осаменото дрво е охрабрување да продолжам да пишувам

18.07.2022.
Нина Максимова: Објавувањето на Осаменото дрво е охрабрување да продолжам да пишувам

 

Еднаш, многу, многу одамна, пред милиони, милиони години, кога се создавал светот, кога се појавиле првата светлина и првиот зрак, кога се создале сите планети, комети, големи и мали ѕвезди и соѕвездија, на една малечка планета никнало едно дрво. Тоа дрво било толку големо што ја зафаќало целата планета... Токму тоа дрво е главниот протагонист во новата сликовница „Осаменото дрво“ од авторката Нина Максимова, со илустрации на младиот Иван Коминовски. Оваа сликовница е една од четирите победници на конкурсот за современи бајки на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“. Книгата неодамна излезе од печат во едицијата „Нови бајки од Македонија“, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Иако звучи несекојдневно главен лик на книга да биде дрво, тоа сепак не е неочекувано и необично во литературата за деца. Персонификацијата на дрвата и раскажувањето на значајни и поучни приказни преку нив се практикува во светската книжевност за најмладите... „Осаменото дрво“ е повеќе од бајка за едно осамено дрво, тоа е приказна за растењето, за трансформацијата, себеприфаќањето и другарството... Во неа може да се најде и еко-порака. За инспирацијата, процесот на креирање и патот на приказната на осаменото дрво од брегот на Охридското Езеро, до домовите на најмладите читатели, разговаравме со актерката и сестрана уметница Нина Максимова.

* Како се роди инспирацијата за „Осаменото дрво“ и како ја добивте идејата носечкиот лик да биде дрво?

– Сѐ што пишувам или цртам е некаков најискрен и интимен разговор со себе, преку жонглирање со одредени метафори и симболизам. Во моментот на креација – сите карти се отворени на масата, нема лаги, нема тајни, тоа е момент на гледање во огледало, директно во очи. Забавниот дел на креирањето, барем во моето пишување е одлепување од реалитетот и скокотливо играње со метафори, со фантазија. Дрвото, како симбол, отсекогаш било присутно во мојот живот – како симболот на вечниот живот, мудроста, корените и плодот, осаменоста, поврзувањето на два света итн. Отсекогаш симболички сум наоѓала многу длабока смисла, но во оваа бајка, по првпат го персонализирав и му дадов нова улога, што за мене беше многу возбудливо.

* Оваа приказна е една од победничките на последниот конкурс на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“. Дали приказната ја креиравте наменски за овој избор или веќе беше осмислена/напишана, но чекаше вистинско време за објава?

– Приказната ја напишав во еден здив, еден убав летен ден, буквално под сенката на едно дрво покрај Охридското Езеро, во преубавата Трпејца. Делови од неа хаотично ми се вртеа во глава, но некако сѐ доби смисла кога почнав да пишувам. Ја испратив последниот ден од конкурсот.

* Како станавте дел од овој конкурс? Дали конкуриравте само со една бајка и дали само со пишан текст или можеби пративте и илустрации, во вториот дел од конкурсот?

– На конкурсот конкурирав само со една бајка и не очекував дека ќе биде една од победничките, особено кога разбрав дека има голем број пријавени. И да, во вториот дел од конкурсот испратив и мои илустрации за неа, некако си ја замислив како целосно моја креација, па сакав да се обидам.

* Може ли со неколку реченици да нѐ воведете во приказната, кои се главните ликови?

– Приказната се случува некаде во универзумот, многу одамна, каде што на една планета си постоело едно огромно тажно и осамено дрво. Еден ден се појавува една гасеница и тие стануваат најдобри пријатели. Но, таа го предупредува дека еден ден ќе се промени и ќе ѝ пораснат крилја и ќе си замине. Така и се случува, таа се трансформира и си оди, а дрвото е пак тажно. На крајот, гасеницата се враќа, но овој пат како пеперуга, и тоа со друштво на најразлични птици, инсекти и семиња. Сите среќно си живеат во раззеленетата и живната планета и дрвото веќе никогаш не е само.

* Која е пораката што сакате да им ја пренесете на најмладите читатели преку бајката?

– Има повеќе скриени пораки, но можеби онаа што е највидлива е дека секој треба да го прифати тоа што е, каков што е, дека секој треба да најде свој пат и начин да се сака себеси. Исто така, дека трансформацијата е природна работа и дека нè учи на нови нешта. Но, можеби најгласно зборува пораката за другарството – дека тоа може да ни го промени животот и дека животот во друштво, со споделување е секогаш поубав и добива смисла.

Иван Коминовски ги нацрта илустрациите за книгата

* Илустрациите ги направи младиот графички дизајнер Иван Коминовски. Колку неговите цртежи успеаја да ја дополнат/дораскажат Вашата приказна?

– Прекрасни се цртежите. Искрено, токму како што и замислував. Особено боите и атмосферата. Иван успеал да ги долови ликовите, состојбите и ситуациите и да ги акцентира точно каде што треба. Му посакувам среќа понатаму, навистина има неверојатен талент.

* Вие и самата сте илустраторка. Дали поинаку би го нацртале осаменото дрво и какво е Вашето досегашно искуство со илустрација?

– Веќе ја имав илустрирано бајката, некако природно ми дојде да го направам тоа. Моите илустрации стилски се поинакви, јас не цртам дигитално, туку рачно, со фломастер и пастел. Сакам јаки и впечатливи бои и моите цртежи генерално се многу живи и шарени, испреплетени со некаква детска носталгија. Со илустрација се занимавам многу години, имам дизајнирано корици на книги и неколку театарски плакати, а работев и на изработка на фигури за детски театарски претстави со сенки.

* Дали ова е ваша прва објавена книга и од каде афинитетот за пишување и воопшто за раскажување приказни?

– Да, ова е моја прва објавена книга. Но, јас пишувам од кога знам за себе, а како мала во родниот град Кочани бев дел од литературен клуб на писатели. Пишувам поезија, проза, детски драми, раскази. Со текот на годините, полека се насочив кон пишување раскази во кои е испреплетена фантазијата и реалитетот и имам многу материјал што стои и чека да се објави. Оваа книга е охрабрување да продолжам да пишувам, овој конкурс ми беше можеби потребниот ветер во грб.

* Какви книги најчесто читате и колку ѝ се навраќате на литературата за деца. Кои автори/илустратори Ви се најинспиративни?

– Кога не сум зафатена професионално (проекти во театар, инаку јас сум актерка по професија), тогаш имам време да се занимавам со читање, гледање серии и филмови, цртање итн. Ме интересираат различни работи, читам и филозофија, поезија, романи, раскази. Го сакам Маркес, Бекет, Брехт, Достоевски, Ками, Фром, Сара Кејн, последно го читав Господинов итн. Сепак, најинспиративни ми се митологиите и бајките, од грчка, па сè до нордиска митологија, како и бајките на браќата Грим и Андерсен. Исто така, секоја култура си има свои автентични народни приказни и легенди. Но, кога станува збор за детска литература, сепак, има три книги што ми се вртат во главата, носталгично (јас сум дете од деведесеттите) „Зоки Поки“ од Оливера Николова, „Касни порасни“ од Петре М. Андреевски и „Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери. На социјалните мрежи следам голем број инспиративни детски илустратори од цел свет и постојано се апдејтирам за новите случувања. Од нашето поднебје можам да го издвојам творештвото на Кондовски, а од сегашните – Лукаш, Костуранов, Руки Чуки, Катерина Николовска, Тхе Мичо и многу други...

* Активна сте во повеќе области на уметноста. Дали можете да ги издвоите најважните моменти во Вашата образовна и професионална кариера? На кои ангажмани сте посветени овој период?

– Некако спонтано низ годините почнав да се занимавам со неколку работи паралелно, но и да ги спојувам. Покрај професионалниот ангажман во Театар Куманово, се занимавам со водење на драмско студио за деца во МКЦ Скопје, каде што се случувало да пишувам драми и сценарија за претставите што ги спремаме. Исто така, работам со Наш мал театар (независен, мал, патувачки театар за деца) – театар на сенки за деца, каде што исто така пишувам драми, цртам и изработувам фигури/кукли за претставите. Да речеме дека некако низ годините се насочив и најдов начин да ги комбинирам моите „вештини“ и да ја канализирам креативната енергија. Оваа година имавме проект (од Министерството за култура) со театарски работилници со сенки за деца во градови во источна Македонија, се надевам дека ќе продолжи и следна година, пошироко. Моментално работам на нова театарска претстава во Театар Куманово.

Сликовницата „Осаменото дрво“ веќе се достапна во „Литература.мк“, како и во сите поголеми книжарници низ државата. Достапни е и за онлајн-нарачка преку www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14915

 

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

30.
Nov.
Интервјуа
На македонските читатели Маша Колановиќ им стана позната преку преводите на издавачката куќа „Арс Ламина“ на романот за млади и возрасни „Б...
14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
13.
Feb.
Интервјуа
Дејан Василевски - добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија....
15.
Sep.
Интервјуа
Зошто сјајот и бедата на славата ѝ се толку инспиративни и како ги прикажува во романите ни открива авторката на бестселерите: „Дејзи Џонс енд Д с...
06.
Jul.
Интервјуа
Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.99 MB