Интервјуа

Иво Митев-Жиле: Збирката раскази Клучот на животот е книжевен омаж за 11 значајни личности

14.07.2022.
Иво Митев-Жиле: Збирката раскази Клучот на животот е книжевен омаж за 11 значајни личности

Преку 11 раскази, педантно спакувани во збирката „Клучот на животот“, авторот Иво Митев-Жиле оддава почит кон исто толку значајни личности кои оставиле траен белег во македонската и светската култура на 19 и 20 век. Книгата, која е дел од едицијата „Во еден здив“, е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, јасно и недвосмислено е насочена кон универзалното, трајното и неменливото во животите на луѓето, заплеткани во црни љубови и судбини, во подвизи и дела, поголеми од нив самите.

Насловот на збирката, кој не е преземен од конкретен расказ во неа, претставува еден вид код, тајна шифра, лајт-мотив на сите единаесет приказни. Извлечен од расказот „Музиката е жена“ како навидум незабележлива синтагма, насловот „Клучот на животот“ функционира како можно решение, отворање на многуте заклучени врати на минатото, на недореченото, забранетото и пропуштеното... Ова е трета книга за Митев, кој работи во Археографскиот центар при НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, а магистер е по драматургија. Разговараме по повод објавувањето на „Клучот на животот“.

* Како се роди идејата за книгата раскази „Клучот на животот“?

– Оваа книга настана во неколку етапи. Неколку раскази објавив во списанијата „Стремеж“ и „Современост“, еден расказ беше објавен и во електронското списание за книжевност „Екерман“ (Eckermann) од Нови Пазар и полека се создаде еден мал материјал. Кога ги собрав на едно место минатата година и ги препрочитав, забележав дека секоја приказна се однесува за една личност и тогаш одлучив оваа книга да биде посветена на лица кои оставиле траен белег во македонската и светската култура на 19 и 20 век.

* Во кој временски период се пишувани расказите и која е нишката што ги поврзува?

– Најголемиот дел (преостанатите седум раскази) ги пишував минатата година. Ја пишував книгата со раскази во еден исклучително тежок период за мене. Од денешен аспект и самиот не сум свесен како се создаде ова дело. Што се однесува околу нишката што ги поврзува, би рекол дека тоа е огромната љубовта кон професијата со која се занимавале. Тука морам да нагласам дека не ги одбирав моите омилени личности, туку тие ми се појавуваа со нивните интересни биографии во одреден период од мојот живот. За секоја приказна има интересен настан како настанале. Дури слободно можам да кажам дека начинот за тоа како се одбираа личностите кои извршија влијание врз мене за да завршат како книжевни јунаци слободно би можело да се напише книга.

* Колку во книгата, апропо насловот „Клучот на животот“, се открива клучот на животот? Која е пораката зад насловот и кои се поентите што ги давате преку секој од расказите?

– Тоа го оставам на читателите да го откријат. Јас се обидов вешто (колку што можев) да се доближам до најсуптилните, најскриените делови на душата на ликовите кои ги обработувам. Сето тоа правејќи го од позицијата на, ајде да речеме, некој вид хроничар кој ги бележи настаните и ликовите од едно време. Сакав да има убави дескрипции, раскажувачки допири со светот надвор, со изгледот на ликовите (кој ми е многу важен), но и со нивната внатрешност, онаа што сакаме да ја погледнеме и да ја запознаеме.

* Кои се личностите што Ве инспирираа за 11-те раскази и колку напишаното е фикција или реален факт?

– Личностите се од разни професии. Книгата почнува со приказната за познатиот охридски музичар Садило. Еден ден се вратив дома в зори и на телевизија имаше емисија за него. Дознавајќи мошне интересни факти за неговиот живот уште истото утро го напишав расказот. Има расказ за Димитар Кондовски, за чија приказна ми беше доволен еден мал интересен податок што ми го кажа неговиот ученик во своето ателје и расказот самиот се напиша. За Дичо Зографот инспирација добив кога бев во МАНУ на неговата изложба по повод двестегодишнината од раѓањето. За Олга Милосавлева имам посебна приказна, таа ја има во расказот (целосно е прераскажана). За Вагнер напишав расказ веднаш штом дознав дека престојувал во Битола. Се обидов да дадам едно свое видување за таткото на модерната хирургија или лекарот кој лекуваше со хумор, Гален, дали неговиот гроб се наоѓа во Скопје. За Руми ме врзува неговиот суфизам. А за расказот „Небесна фотографија“ сум посебно врзан. Со овој расказ го почнав моето патешествие во светот на книжевноста. Станува збор за една фотографија што се наоѓа на Света Гора. Расказот го напишав неколку години пред да престојувам таму, без да знам дека таа фотографија се чува на тој полуостров. Кога пристигнав, претпоставувате што беше првото што го видов. Тука ќе запрам, нешто ќе оставам и за читателите самите да откријат кои други ликови биле инспирација за книжевна обработка.

* Работите во Археографскиот центар во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Колку вашата професија е извор на инспирација за пишување?

– Одговорот на вашето прашање ќе го почнам со цитат од големиот аргентински писател Хорхе Луис Борхес: „Рајот отсекогаш го замислував како своевидна библиотека“. Мојата работа ми овозможува да бидам во контакт со книгите создавани векови наназад. Драго ми е што, ете, јас скромно сум продолжувач на таа магија и што, ете, го спроведувам сонот (велам сонот, бидејќи библиотекарите ги сметам за најголемите сонувачи). Невозможно е институција каде што се собираат и се чуваат бисерите на човековата мисла да не дејствува инспиративно. А библиотекарство е професија што овозможува да се пренесува богатството акумулирано од целото човештво. Додека, пак, библиотекарите се посебен сој луѓе кои го посветуваат целиот свој живот да чуваат нешто од силите на заборавот. И тоа го прават со леснотија, верувајте. Повелете во библиотека да се уверите во тоа.

* Како се роди интересот за пишување. Кои се најзначајните писателски обиди досега и колку дела имате објавено? Колку вашите книги се разликуваат една од друга?

– Пишувам од студентските денови. Досега има објавено три книги. Книгата раскази „Небесна фотографија и други раскази“, „Луѓе меѓу луѓето“ (драма за Григор Прличев) и, последната, „Клучот на животот“. Што се однесува за расказите, се обидувам да создадам еден свој сопствен свет по кој би бил препознатлив. Свет помеѓу сонот и јавето. Во моите раскази сакам да има една линија на поврзаност помеѓу мотивацијата, ликовите, настаните и, најглавното за мене, механизмот на движењето меѓу реалното и мистичното. Инаку, мој „книжевен учител“ е Живко Чинго.

* Кога и што најчесто пишувате и што најмногу ве инспирира? Дали во моментов пишувате нешто ново?

– Пишувам од рано наутро до попладне. Потоа не пишувам. Пишувам релативно брзо. Најтежок дел ми се поправките. Нестрплив сум да го видам завршен расказот. Работејќи на оваа книга, покрај многуте нешта, од уредничката Оливера Ќорвезироска научив како се средува материјалот за да ја добие саканата форма и како тоа трпеливо се работи. Во моментов се подготвувам и психички и физички за мојот прв роман. Мојот татко пред смртта ми го даде неговиот дневник во кој го опишува патот на „Галеб“ (бродот на Тито) по африканските земји. Патувањето траело 72 дена. Дневникот почнува и завршува со две прекрасни реченици што ја прават рамката во која ќе се движам создавајќи го романот. Здравје, само ме чека многу работа. Тоа ќе биде убаво патешествие низ еден интересен период.

* Магистер сте по драматургија. Колку во расказите користевте драмски моменти и дали можат да се приспособат за театарска изведба?

– Неизбежно користев многу драмски елементи во моите раскази. Кога свесно, кога несвесно. Само ќе додадам, цитирајќи ја уредничката на ова издание Оливера Ќорвезироска, расказите се напишани како недобројни книжевни комбинации на фактите и фикцијата. Многу би сакал да се екранизира приказната за Садило. Тука имате сè. Приказна како на филм, природна сценографија што ја нуди Охрид. За мене, поразителни се податоците кога ќе прочитам дека после неколку децении откако е снимена првата македонска комедија „Мирно лето“, искористена е истата куќа за снимање филм. Инаку, би сакал да упатам и еден апел до драмските писатели и филмските работници: во македонската литература има многу раскази, ликови од романи кои можат да послужат како театарски и филмски јунаци. А за театарска изведба имам напишано дуо драма, според расказот за Руми „Слуги на љубовта“. Знам и кои актери би можеле да ја играат.

* Секој писател треба, пред сѐ, да е и голем читач... Колку и што читате најчесто?

– Секогаш читам истовремено неколку книги. Во овој период читам македонски автори, поточно сите добитници на наградата „Роман на година“ (ги читам хронолошки). Деновиве го довршувам со читање „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14740

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

30.
Nov.
Интервјуа
На македонските читатели Маша Колановиќ им стана позната преку преводите на издавачката куќа „Арс Ламина“ на романот за млади и возрасни „Б...
14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
13.
Feb.
Интервјуа
Дејан Василевски - добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија....
15.
Sep.
Интервјуа
Зошто сјајот и бедата на славата ѝ се толку инспиративни и како ги прикажува во романите ни открива авторката на бестселерите: „Дејзи Џонс енд Д с...
06.
Jul.
Интервјуа
Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.99 MB