Интервјуа

Јована Велинова Трајанова: Бајката Перуника беше љубов на прво читање

29.06.2022.
Јована Велинова Трајанова: Бајката Перуника беше љубов на прво читање

Пред многу време, уште пред да постојат луѓето и животните, со земјата владееле само растенија и цвеќиња, сите во посебни кралства. Едно од нив било на кралот Златен Крин. Се простирало на полуостров веднаш до Средоземното Море. Во изобилство имало бистра вода за пиење, што течела од околните извори и поточиња; голема и силна војска од јорговани, зимите биле благи, а летата свежи и тоа ѝ давало плодност на земјата. Можело да се види до каде се границите, поради нијансите на виолетовата боја... Но, и покрај оваа убавина и изобилство, младиот крал Златен Крин бил тажен, бидејќи бил осамен. Посакувал да си најде кралица, со која ќе го дели животот... Така тргнува во потрага по идеалната девојка, притоа придржувајќи се до советот на Виорот дека – девојчињата избираат, а не момчињата, какви цвеќиња и да се. Тој учи дека треба да знае да чека и да ја цени слободата на девојката, доколку ја сака, инаку таа ќе се скрие и нема да ја види... Ова поука е основата на приказната во бајката „Перуника“ од авторот Сибо, која е дел од едиција „Нови бајки од Македонија“, што неодамна излезе од печат во издание на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“. За комплетното доживување во волшебното патување во светот на цвеќињата придонесуваат и колоритните илустрации на младата уметница Јована Велинова Трајанова. Таа беше една од четворицата дизајнери кои беа избрани за конкурсот за илустрирање на новите бајки, кои се објавени под „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

– Кога ги отворив бајките од конкурсот и почнав да читам веќе беше љубов на прво читање со „Перуника“. Бајката што авторот толку вешто ја има напишано беше инспирација сама по себе. Ликовите уникатни и убаво објаснети, веднаш ги замислив и почнав да ги скицирам. Првото што го скицирав беше изгледот на малиот крал – Златен Крин. Од таа скица па натаму сè одеше лесно и ликовите претрпеа минимални промени во процесот на осмислување, речиси воопшто не беа променети од првичната идеја што ја ставив на хартија. Често излегував да прошетам низ парковите и на планина за да соберам инспирација за светот околу и за споредните ликови. Ги набљудував цвеќињата и пробував да ги нацртам како луѓе за да можам да ги внесам во бајката – вели Јована Велинова Трајанова.

При илустрирањето на книгата за неа најголемиот предизвик било оваа бајка да изгледа токму така, како бајка.

– Сакав да го доловам чувството на магија и на некоја скриена убавина. Настојував да се чувствува како читателот да е во некој друг свет кога ќе ја отвори книгата, свет на цветови кои живеат во пурпурни тонови, свет во кој сè е исто, а сепак толку различно од она кај нас. Затоа и цветовите имаат човечки лик, да можеме да се идентификуваме со нив, а сепак да ги гледаме како нешто магично. Авторот ми даде комплетна слобода во цртањето, ми сподели неколку негови замисли и, на мое огромно задоволство, беше среќен со првите илустрации и со ликовите. Тоа уште толку ми ја олесни работата, знаејќи дека сум на вистински пат визуелно да го раскажам напишаното. Во целиов процес одлична беше соработката и со издавачот, сите насоки беа јасни и добивавме одговор и помош за секое наше прашање. Најтешкиот дел беше нетрпеливоста да ги видиме книгите излезени од печат – објаснува таа.

Работата на „Перуника“ за неа бил прв ангажман од ваков тип.

– Ова беше прва книга што целосно ја илустрирам, прва бајка, прв ваков поголем проект. Звучи чудно, но не се чувствував како да го работам првпат, сè доаѓаше само по себе и природно. За мене, ваквата можност да се пријавам на конкурс со свои идеи и цртежи и да добијам шанса да илустрирам книга, посебно наменета за најмалите, беше остварување на еден сон уште од дете. Научив да читам и да пишувам сама преку читање бајки и сликовници, ги знаев напамет. Затоа се надевам дека ова што го правиме ќе им значи исто, дури и повеќе на сегашните и на идните генерации. Целата идеја да се направи ваков конкурс за автори и илустратори е одлична, секогаш можеме да придонесуваме повеќе кон развојот на децата и да им даваме богати книги за читање што ќе ја продлабочуваат нивната креативност и љубопитност – вели таа.

Признава дека била многу возбудена кога првпат ја земала в раце испечатената книга и била многу среќна.

– По толку работа и нетрпение, кога видов дека веќе ја има во продавниците не можев да заспијам додека не ја земам во раце книгата, да видам како изгледа. Првото нешто во мојот ум беше тишина, само радост дека ја гледам пред мене, наместена на маса заедно со другите три бајки. И потоа уште повеќе радост, бидејќи конечно излезе од печат и секој ќе може да ја купи и да ја чита, со силна надеж дека некое дете ќе ја засака и ќе добие статус „омилена“.

Јована В. Трајанова (25 години) е дипломиран ликовен уметник од областа на класичното сликарство. Работи како графички дизајнер, а во слободно време и илустратор на книги и стрипови. Добитник е на првото место за најдобар стрип на наградата „Лифт“, со две самостојни изложби по завршување на студиите. Во меѓувреме ја илустрира и на едукативната сликовница „Игра со придавки“ од Оливија Георгиевска, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, што беше промовирана на Саемот на книгата 2022.

Книгата „Перуника“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14916

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

30.
Nov.
Интервјуа
На македонските читатели Маша Колановиќ им стана позната преку преводите на издавачката куќа „Арс Ламина“ на романот за млади и возрасни „Б...
14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
13.
Feb.
Интервјуа
Дејан Василевски - добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија....
15.
Sep.
Интервјуа
Зошто сјајот и бедата на славата ѝ се толку инспиративни и како ги прикажува во романите ни открива авторката на бестселерите: „Дејзи Џонс енд Д с...
06.
Jul.
Интервјуа
Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.97 MB