Интервјуа

Оливија Георгиевска: Преку Игра со придавки децата подобро ќе се запознаат со убавините на македонскиот јазик

04.05.2022.
Оливија Георгиевска: Преку Игра со придавки децата подобро ќе се запознаат со убавините на македонскиот јазик

По илустрираните книги за деца посветени на именките и глаголите, неодамна беше објавена сликовницата „Игра со придавки“ од авторката и едукатор Оливија Георгиевска, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Сликовницата го освои третото место во категоријата за најкреативно издание на годинашните награди на МАИ, што се доделуваат за време на Саемот на книгата.

Книгата ќе биде промовирана на Денот на македонскиот јазик, 5 мај (четврток), во 18 часот на штандот на „Арс Ламина“, во рамките на Саемот на книгата, што се одржува деновиве во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. На промоцијата, покрај Георгиевска, ќе присуствува и илустраторката Јована Велинова-Трајанова, а промоторка ќе биде Александра Симова.

„Игра со придавки“ е шарена сликовница во рима со која ќе влезете во игривиот свет на придавките, но и подобро ќе се запознаат со убавините на македонскиот јазик. Преку прекрасните слики и зборовите во боја, ќе научите како да ги препознаете и како да ги употребите. Придавките навистина лесно се учат и лесно се помнат!

Книгата е наменета за децата, но и за нивните родители и за наставниците. Од неа родителите можат да им читаат на децата пред спиење, а на наставниците ќе им помогне за време на училишните часови. Изданието ќе им помогне и на нашите деца во дијаспората, да го одржат контактот со македонскиот јазик и граматиката.

Авторката вели дека оваа книга ќе им помогне на најмладите полесно да го сфатат поимот ПРИДАВКА:

– Придавките се најдобри другарки на именките, затоа што ни помагаат да ги разликуваме една од друга. Така, на пример, ако сакаме да си купиме чадорче за силниот и студен дожд, пред нас имаме слика какво чадорче сакаме. Чадорчето може да биде платнено или пластично, може да биде големо или мало, шарено или еднобојно. Сите оние зборови што го опишуваат чадорчето, односно што на именката и придаваат некое посебно значење се викаат ПРИДАВКИ. Сите имаме коса, но таа е различна по боја – црна, кафеава, руса... Токму тие зборови што ја означуваат бојата се ПРИДАВКИ.

* Новата сликовница „Игра со придавки“ е третата ваша книга по книгите за деца „Игра со именки“ и „Игра со глаголи“ – кои се дел од едицијата „Сезнајковци“. Колку се разликува и во што се надополнува со претходните изданија?

– За разлика од книгата во која имаше набројувања на именки од разни области, третата книга ја следи идејата на втората – се работи за мала приказна за едно љубопитно девојче кое ужива во авантури, украсени со придавките. Идејата за една ваква граматичка игра се роди додека работев со најмалите ученици, смислувајќи начини како да ги ангажирам, како да научат најмногу, а да не им е тешко. Во тоа време и моите две ќерки беа мали, им читав секоја вечер и така пораснаа со различни книгички и сликовници. Видов дека сликовниците можат да прераснат во одличен, современ начин на учење.

* Како и кога се создаваа стиховите? Колку е тешко да се пренесе порака преку рима?

– Македонскиот јазик (верувам ќе се согласат многумина) не е многу соодветен за римување. Тоа е уште поголем предизвик – да најдеш начин да усогласиш идеја и приказна со форма, која сепак децата најбргу ја учат. Римата е поврзување, мелодија, брзо помнење. Мисијата на оваа книга е да донесе радост на децата – преку слики, бои, зборови, рими, но и со поуки. Секако, болна стварност е сè поголемото кратење на употребата на нашиот јазик, на кирилицата, преплавеноста на туѓи зборови, нови кованици и тешки критики од типот дека имаме сиромашен јазик. Јас би рекла – некористен. Не е најбогат, ниту, пак, може да се споредува со други јазици, но има во него доволно за да опстои и да се обнови.

* За која целна група е наменета книгата? Дали изданието може да се примени во градинките или во училиштата?

– Книгата е наменета за деца од раношколска возраст, доколку сами препознаваат букви и ги поврзуваат, па нагоре. Денес, децата се изложени на содржини што технички се од возрасен карактер – како технолошки алатки, а од друга страна се сепак деца и сè помалку им се нуди литература што ќе ги порасне ментално. Зборувам за литературата сега и пред многу години, кога мојата генерација мораше да се приспособува на навидум тешки литературни дела, кои сега не се ни споменуваат.

* Книгата е збогатена со илустрации од Јована Велинова-Трајанова. Како течеше соработката? Колку нејзините цртежи помогнаа во дополнување на стиховите?

– Јована го нацрта главниот лик на најубав можен начин. Јас направив едно сценарио за книгата – мои идеи што треба да има на сликите, а Јована си имаше и свои сопствени видувања што многу ми се допаднаа. Многу се радувам на илустрациите и сликовитоста што помага во поврзување на зборовите.

* Каков е досегашниот фидбек и критика за книгите?

– Секоја критика ми е добредојдена. Моите деца први слушаат и коментираат. Но, споделувам со читачи-пријатели и другарки од кои барам искреност. Нема ништо подобро од конструктивна критика. Така се расте и се созрева... Мислам дека на пазарот на книгите, сега во моментов има многу прекрасни книги, одлични илустратори и некако цвета одделот за деца, кои порано беше особено скуден, застарен и прелокален. Но, од оние што ги купиле книгите, разбрав дека децата лесно и брзо ги научиле стиховите. Тоа е голема радост и поттик за мене да пишувам и да работам.

* На што работите во моментов, дали можеби се создава некое ново дело?

– Во најава е книга боенка за возрасни, која е во фаза пред да влезе во издание на „Арс Ламина“ и на која посебно се гордеам, затоа што во неа има и боење, но и читање мали приказни за 19 ботанички илустрирани цветови. Се надевам дека сега мајките (па, и татковците) ќе ја купуваат, ќе се релаксираат боејќи (додека децата спијат) и ќе прочитаат малку митски моменти и симболики за имињата на цвеќињата. Зад оваа боенка, сепак има уште една книга за деца... но, да почекаме. Црните мачки навистина носат среќа.

Книгата е достапна во „Литература.мк” и во сите поголеми книжарници, како и онлајн, преку https://www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14807

Книгата е  застапена и на штандот на „Арс Ламина” и „Литература.мк” за време на Саемот на книгата во СЦ „Борис Трајковски”, Скопје, од трети до деветти мај.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

30.
Nov.
Интервјуа
На македонските читатели Маша Колановиќ им стана позната преку преводите на издавачката куќа „Арс Ламина“ на романот за млади и возрасни „Б...
14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
13.
Feb.
Интервјуа
Дејан Василевски - добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија....
15.
Sep.
Интервјуа
Зошто сјајот и бедата на славата ѝ се толку инспиративни и како ги прикажува во романите ни открива авторката на бестселерите: „Дејзи Џонс енд Д с...
06.
Jul.
Интервјуа
Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.99 MB