#Bookstagram

#Bookstagram интервју со @knishka_m

30.03.2023.
#Bookstagram интервју со @knishka_m

Стигнавме до бројот 5 од нашите, а и ваши омилени #bookstagram профили. Мораме да ви признаеме дека овој профил ни беше најмистериозен и иако некои од нашите дилеми си ги разрешивме, продолжуваме да го оставаме со онаа слатка мистерија кој се крие токму зад овој профил. Нам ни е доволно само што знаеме дека е исклучителен љубител на литературата и книжевноста и секој нејзин збор, препорака, рецензија во објавите вреди многу.

Како што и бидуваше во изминатите интервјуа, за почеток се запознаваме со приказната на профилот: почетокот, инспирацијата за почнувањето на ваков профил, како и потеклото на името. Во целост го пренесуваме одговорот на @knishka_m, затоа што нема што да додадеме:

-Првата објава на Книшка се случи на 29.05.2020 година со јасна замисла дека на профилот сакам да објавувам сè што ќе прочитам, во форма на дневник на прочитани книги што ќе го споделувам со луѓето. Размислував, како моето омилено хоби – читањето, да го претворам во нешто корисно, место каде што ќе можат и другите да се инспирираат и да прочитаат за одреден наслов. Затоа и на сите фотографии, книгите се поставени вертикално и кога ќе го отворите профилот, многу лесно можете да разгледувате, нема што да ви го одвлече вниманието. Фотографиите ги правам сама, дел кому му посветувам особено внимание во обид да го доловам чувството и амбиентот од прочитаната книга.

За името долго бев во дилема и го одолжував стартот, сакав да биде еден едноставен збор што во себе ќе содржи сè. На една спонтана средба со мојата драга другарка Емилија Малезан (таа го изработи и новото лого) ја споделив дилемата, а таа веднаш кажа Книшка. :)

Во продолжение прочитајте ги одговорите на нашите прашања:

Има ли некоја посебна книга што ти ја всади љубовта кон читањето?

Пораснав во семејството каде што книги имаше повеќе од сè друго. :) Си играв со книги и прибор за пишување, наместо со кукли, а сликовници имав во завиден број. Како дете бев импресионирана од енциклопедиските изданија на моите родители, бидејќи, за разлика од сега, тогаш немаше интернет и љубопитноста си ја задоволував прелистувајќи ги тие големи книги.

Сепак, омилени книги од раното детство ми се сказните на браќата Грим (трите книги). Многу ми беше жал што низ времето се изгубија некаде, па со радост си ги купив од препродавачите на стари книги пред извесен период.

Кои се твоите трикови/совети за читање повеќе книги?

За читање повеќе книги верувам дека се важни три фактори: желба, расположение и време. За среќа, никогаш не ја губам желбата за читање, но расположението понекогаш ми е фактор за побавно читање, па тогаш одбирам книги за кои мислам дека ќе ми влијаат позитивно.

Време за читање користам во секоја пригода, па си ја носам книгата секаде со мене.

Сепак, од лично искуство можам да кажам дека времето поминато на мобилниот телефон ми е најголемиот одвлекувач на вниманието. Затоа, додека читам, го исклучувам интернетот и така остануваме само јас и книгата. :)

Си поставуваш ли цели за читање: број на книги годишно, која книга за колку време ќе ја прочиташ и сл.?

Долго време не ги броев прочитаните книги, не ги запишував, но откако почнав да ги евидентирам, просекот ми е околу 90 книги годишно (70-115). Се работи за голем број книги, па затоа не морам да поставувам конкретна цел, знам дека со мојот животен ритам, не можам да прочитам повеќе.

Во однос на тоа колку време ќе ми треба за една книга, пресметувам само кога одам на одмор за да знам колку да понесам. :) Секогаш носам екстра торба за книги.

Што е пресудно за некоја книга да ја оцениш со 5 ѕвезди?

Најубавото чувство е она кога читам книга што ме воодушевува на сите нивоа, а најмногу наративот. Низ годините, критериумите ми се менуваа, но сега, стилот на пишување ми е клучен за оцена од 5 ѕвезди. Доколку авторот ја има умешноста нештото да го раскаже на вистинскиот начин, дејството или темата се од секундарна важност.

Кои букстаграм-профили обожаваш да ги следиш? Tи влијаат ли #bookstaram препораките за изборот на следна книга за читање?

Букстаграм-личност која ја обожавам и исклучително ја ценам е Ана Томова, за која верувам дека е една од најзаслужните за развојот на читателската култура кај нас. Книшките разговори ни се секојдневие, па и покрај различните темпераменти, ние секогаш се наоѓаме на „истата страница“.

Букстаграм-личност (профил) која многу ја почитувам е и Андриана – @prodolzidacitas, со која имам одлична комуникација и сум ѝ благодарна за сите совети и препораки што ми ги дава.

Влијанието од #bookstagram е несомнено и сакам да сум во тек со сè што е ново, но во изборот на книги одлучувам според внатрешно чувство или афинитетот.

Која книга најдолго стои на полиците на твојата библиотека и сè уште чека да биде прочитана? Има ли причина зошто го одолжуваш читањето?

Имам многу книги што долго седат на моите полици, одлични наслови, а посебно серијали што никако не се одлучувам да ги почнам. Можеби заради чувството дека ќе треба да се задржам предолго на една приказна, а кога ќе почнам со читање не се откажувам дури и ако не ми се допаѓа книгата. Веројатно тоа е причината.

Пример за вакво одолжување е „Столбовите на земјата“ (двата дела) од Лен Фолет, кои долго чекаат да бидат прочитани, а знам дека треба да ги поместам поблиску. :)

Која книга би сакала да има продолжение?

За омилените книги не сакам да има продолжение, бидејќи ги доживувам како целина што е заокружена и доволна сама за себе.

Но, ако морам да одберам, тогаш би се одлучила за продолжение на „Тајниот живот на Ади Лару“. Би сакала да читам за новиот живот на главните ликови, каде што веќе нема тајни.

За која книга би биле шокирани луѓето ако сфатат дека сè уште не си ја прочитала? Зошто не си ја прочитала?

„Мајсторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков, книга што ја имам во две различни изданија, но секогаш кога ќе решам да ја читам ми се создава чудно чувство на одбивност и ја враќам на полицата. Можеби некогаш ќе се промени тоа и ќе можам да ја додадам на листата прочитани книги.

Кога би морала да избереш само еден автор за читање до крајот на животот, кој/а би бил тој/таа и зошто?

Доколку морам да се одлучам само за еден автор, тогаш тоа ќе биде Евгениј Водоласкин.

Многу ми се допаѓа неговиот однос кон духовното и моралното во човекот, кое секогаш мајсторски го имплементира во своите дела, без разлика на темата или временската рамка на романите. Комплексноста на неговите размисли, начинот на кој ги опишува ликовите и општествените пригоди, го прават единствен и вреден за препрочитување.

Си помислила ли некогаш да станеш автор? Во кој жанр би пишувала?

Во периодот на средното образование пишував раскази и дел од нив ги читав на часовите по македонски јазик и пред пријателите. Ми се допаѓаше можноста да се искажам преку одредена пишана форма, да искажам љубов или незадоволство кон нешто или некого. Но, оттогаш се изгуби желбата, а јас се пренасочив кон некои други интереси, како уметноста и астрологијата.

Не се гледам себеси како автор, но доколку би пишувала, би се одлучила за кратки книжевни форми.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

02.
Mar.
#Bookstagram
Секој збор, секоја реченица, секоја страница е залудно напишана ако не си го пронајде патот до своите читатели. 
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.83 MB