#Bookstagram

#Bookstagram интервју со @prodolzidacitas

02.03.2023.
#Bookstagram интервју со @prodolzidacitas
#Bookstagram интервју со @prodolzidacitas

Секој збор, секоја реченица, секоја страница е залудно напишана ако не си го пронајде патот до своите читатели. Секоја книга е залудно издадена ако не му останала во сеќавање барем на еден читател. За среќа и на огромно задоволство, македонскиот книжевен простор е исполнет со активни и ревносни читатели кои секојдневно го користат својот социјален капитал за промоција, препораки и рецензии на книгите издадени на македонски јазик.

Едни од најзаслужните корисници на социјалните медиуми за промоција на македонското издаваштво и зголемување на свесноста за убавиот пишан збор се инстаграм-корисниците кои го збогатуваат хаштагот #bookstgaram.

Затоа, на наше огромно задоволство, во следните неколку недели ќе ве запознаеме со најпосветените #bookstagram корисници кои без размислување ни ги споделуваат своите прочитани книги, своите рецензии и своите препораки и се активни поддржувачи и пријатели на сите македонски издавачи.

Почнуваме со Андриана Ристевска, која стои зад профилот @prodolzidacitas, кој за малку повеќе од три и пол години успеа да стигне до огромна публика на читатели со која ја споделува љубовта за книгите. Таа ни сподели дека профилот е активен уште од 29 ноември 2018 година. Како страстен љубител на читањето сфатила дека ужива и во пишувањето рецензии, па затоа го креирала профилот. На почетокот се двоумела дали и како да продолжи со водењето на профилот, но со текот на времето успеала да си ја пронајде својата насока. Почнала да прави поубави фотографии, да привлекува поголема публика и да соработува со многу издавачки куќи, автори и мали бизниси. Секојдневно добива нови идеи за ширење на љубовта кон книгите, јазикот и пишаниот збор. Нејзината цел е да ја сподели љубовта кон читањето со што повеќе луѓе, бидејќи нема поубав подарок од тоа некој да те поттикне да го засакаш читањето и книгите. Се радува на секое внимание што го добива од читателите, авторите и издавачите. Таа вели: „Кога нешто работиш со љубов и многу вложен труд, тогаш нема нешто што не би можел да го оствариш“ и едвај чека да види што ќе ѝ донесе иднината.

 

Во продолжение проследете ги одговорите на прашањата што ги подготвивме заедно и уживајте во интервјуто.

 

Која беше првата книга што ја прочита, дали се сеќаваш?

– Да, се сеќавам која е првата книга што ја имам прочитано, бидејќи таа е и книгата од која научив да читам. Таа книга е „Кој ја скрши вазната“ од Јован Боцевски.

 

Што те поттикнува да се вљубиш во некоја книга?

– Искрено, за мене многу малку е доволно за да се вљубам во книга. Понекогаш тоа е стилот на пишување, некогаш прекрасните цитати, а некогаш самата емотивна приказна. Клучен фактор за мене е доброто развивање на ликовите, да може читателот да се сочувствува со нивната приказна и на крајот да се чувствува како да изгубил пријатели. Доброто „оживување“ на ликовите повеќе ја доближува приказната до мене. Меѓутоа, сите книги си имаат своја уникатност, а јас не можам а да не се вљубам во секој збор.

 

Колку вкупно книги поседуваш?

– Мојата библиотека моментално брои 927 книги. Малку сум специфична во врска со мојата библиотека. Секоја книга што ја имам прочитано ја поседувам, бројката можеби е ниска навидум, но кога ќе дојде време за чистење, дури тогаш сфаќам колку многу книги имам. Но, верувајте дека вреди за глетката. Пред неколку години посакував библиотека каква што постојано гледав кај странските читатели, а денес библиотеката од моите соништа е мојата.

Дали постои книга во која целосно се пронаоѓаш како карактер?

– Одлично прашање! Досега не сум размислувала на оваа тема.

Мислам дека не сум сретнала книга во која целосно се пронаоѓам како карактер. Според мене, читателите си наоѓаат делче по делче од себе во прочитаните книги. Па, така, се пронаоѓам во ликот на Одил во „Париската библиотека“ во поглед на пасијата кон книгите, во книгата „Последната од девојките Месечини“ се пронаоѓам во храброста на жените да се борат за нивните права и да не живеат во рамките во кои ги затвора општеството, во „Сенка на ветрот“ се пронаоѓам во целокупната атмосфера што авторот ја има доловено и во „Љубовна хипотеза“ во ликот на Олив како беспомошна романтичарка.

Се губиме во книгите и повторно се пронаоѓаме себеси. Тоа е магијата на читањето.

 

Дали постои книга што не си ја дочитала намерно?

– Не, нешто во мене не ме остава да прекинам со читање на книгата, без разлика колку не ми се допаѓа. Можам да кажам кај кои книги сум била блиску до прекинување со читање, а тие се: „Нормални луѓе“, „Локум“ и „Дневникот на заводникот“.

 

Доколку имаш избор, дали би го запознала твојот омилен автор или омилениот лик од книга?

– Уште едно одлично прашање! Затоа што мислам дека секој автор пренесува дел од себе во секоја книга, би избрала да запознам омилен лик. Да видам што го поттикнало писателот да го креира ликот и подобро да го запознам, надвор од границите на книгата. Никој не е совршен, но некои ликови едноставно ти влегуваат под кожа, па ќе си помислиш „Баш би сакал/а да го запознам овој лик“. Така што, баш би запознала лик.

 

Едно типично букстаграм-прашање: што прочита последно, што читаш сега, а што ќе читаш следно?

– Обожавам да ги следам одговорите на ова прашање и цело време се подготвував за моментот кога ќе ме прашаат мене. Последно прочитав: „Љубов меѓу редови“ од Лорен Ашер. Моментално читам: „Убиство на главниот имот“ од Сара Росет (Murder at Archly Manor). Следно ќе читам: „Дамски гамбит“ од Волтер Тевис.

 

Доколку мораш да избереш едно, што би избрала: да ја прочиташ само првата страница од книгата или само последната страница од книгата?

– Јас сум тип читател кој ја чита последната страница пред да почне со читање на книгата. Понекогаш си откривам некои информации, но посилно е од мене.  А кога се работи за првата страница, доколку ја прочиташ само таа, нема да ти биде интересно, со оглед на тоа што некои книги почнуваат со неизвесност.

 

Кои книги си ги прочитала повеќепати?

– „Алхемичарот“, „Софи и Картер“ и „Малиот принц“ се книгите што си ги препрочитувам редовно. Но, има повеќе такви книги, понекогаш гледајќи некоја книга на полиците ќе сфатам дека сум ја заборавила нејзината содржина и ќе посакам да ја прочитам повторно.

Кои се топ 5 книги на сите времиња за тебе?

- „Сенка на ветрот“ од Карлос Руиз Зафон;

- „Невидливиот живот на Ади Лару“ од В. Е. Шваб;

- „Збогум најмила“ од Кристин Хана;

- „Преправај се и танцувај“ од Дијана Чејмберлен;

- „Сликата на Доријан Греј“ од Оскар Вајлд.

 

Дополнително прашање 1: Омилена жена-автор и омилен цитат поврзан со жената.

– Омилени авторки: Кристин Хана, Лиса Клејпас, Сузан Елизабет Филипс, Луиз Џенсен и Дијана Чејмберлен.

Првото нешто што го помислив кога го прочитав прашањето е посветата во книгата „Последната од девојките Месечини“, најубавата посвета што ја имам сретнато во книга:

„На жените...

Исцелители на срцата,

Дарители на светлината,

Создатели на магијата“.

А омилен цитат:„Постојат две сили во светот; првата е мечот, а другата е пенкалото. Постои огромна конкуренција и ривалство меѓу овие двете. Постои и трета сила посилна од претходните две, силата на жената“.

 

Дополнително прашање 2: Дали постои уште нешто што сакаше да те прашаме, а не го сторивме тоа?

– Да, која ми е омилена книга од „Литература.мк“ или да препорачам ваши изданија.

Тука, како прва книга би ја препорачала „Невидливиот живот на Ади Лару“, кое е ремек-дело и никогаш нема да прекинам да зборувам за оваа книга. Прекрасна е!

Кога сме веќе кај ремек-дела, „Хамнет“ е четиво што допира длабоко во душата и јас позитивно сум изненадена од талентот на оваа авторка.

Исто така, би сакала да го искористам моментот да ве пофалам за изборот на преведени книги и дадената можност на македонските автори. Петар Стојановски и Сашо Кузмановски имаат одлични дебитантски дела на кои читателите треба да им дадат шанса. Нема воопшто да зажалат.

Ви благодарам уште еднаш за ова прекрасно интервју, со огромна радост ги одговарав прашањата и ги правев фотографиите. Ви благодарам што постоите, најдобри сте!

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.84 MB