„Варшава го исцртува Скопје“ од полската авторка Кинга Нетман-Мултановска е фактографска книга што фрла поглед на голем период од историјата на Скопје, од неговото историско освојување од Османлиите, сѐ до денешен ден, а главниот акцент е ставен врз огромната помош што полските урбанисти и архитекти несебично му ја даваат на Скопје по земјотресот. Инспиративно, филигрански изработено четиво од кое многумина скопјани ќе дознаат многу нешта за својот град што досега не ги знаеле. Станува збор за уникатно издание на „Бегемот“, кое доби и неколку награди и признанија за дизајн, меѓу другото и на Саемот на книгата 2024 година за најдобро креативно-графички уредено издание. Со многубројни графички и фотографски материјали, „Варшава го исцртува Скопје“ претставува еден од најзначајните фактографски документи за предземјотресно и поземјотресно Скопје.
„Според едно од најважните драматуршки правила, приказнава почнува од големиот земјотрес, кој во 1963 година шеесет и пет проценти од градбите на Скопје ги претвора во прав и пепел. Во своето исцрпно дело, авторката ги сплотува судбините на Варшава и на македонската престолнина. Човечката драма, несигурноста, очајот, а потоа и неверојатната мобилизација и триумфот на духот се мотиви што ги знаеме од сопствениот двор. Напишана со занес, жанровски разнородна и густа со информации, приказната за преродбата на градот пред сѐ е голема пофалба на солидарноста. Денеска, кога ни е најпотребна, книгава се покажува како особено актуелно и важно четиво“ – вели писателката Малгожата Рејмер.
Директорот на Европскиот центар на солидарноста во Гдањск, Базил Керски, за оваа книга изјави дека е фасцинантна, многуслојна книга.
- Израз на страста и компетенцијата на авторката, која пишувајќи за мисијата на варшавските урбанисти во Скопје и за судбината на Северна Македонија, ја открива заборавената солидарност на Полјаците со Македонците, врската на Полска со Балканот. Оваа прекрасна публикација има уште една основна димензија: го прикажува европското наследство преку палимпсестот Скопје – местото каде што се вкрстуваат христијанството, исламот, јудаизмот и атеистичкиот хуманизам. Кинга Нетман-Мултановска раскажува за градот покрај Вардар како за своја мала татковина, зашто ѝ подарил нова перспектива за запознавање на себеси и на својата култура. Љубовта кон ова парче земја ме зарази и мене. Скопје е и наша судбина, наша Европа. Скопје сме ние!
Книгата „Варшава го исцртува Скопје“ е на попуст од 20 отсто за онлајн-нарачките на www.literatura.mk , од 24 до 30 јули.