Во чест на 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски,од денеска (25.06) до недела (30.06), во книжарниците на „Литература.мк“, со секоја купена „Книга за Петре“ ќе следува подарок книга од Петре М. Андреевски. Акцијата важи за сите книги од Петре М. Андреевски објавени од издавачката куќа „Арс Ламина“: „И на небо и на земја“, „Вечна куќа: тажаленки“, „Скакулци“, „Последните селани“, „Дални наковални“, „Бежанци“, „Лакримариј“, „Боемите; Пофалби и поплаки“ и „Тунел“.
Новото издание „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“ е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“ на „Арс Ламина“ и содржи 19 раскази инспирирани од ликот и делото на Андреевски. Сликата на корицата, како и илустрациите на страниците, се дело на синот на Петре М. Андреевски, познатиот сликар Сергеј Андреевски. Автори на прозните посвети во „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“ се еминентни македонски автори: Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Гордана Михаилова Бошнакоска, Димитрие Дурацовски, Томислав Османли, Блаже Миневски, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева, Венко Андоновски, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Владимир Јанковски, Бранко Прља, Жарко Кујунџиски, Ѓорѓи Крстевски, Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски и Хана Корнети.
Книгата ќе биде промовирана денеска (25 јуни), во 12 часот, во амфитеатарот на МАНУ. Кон делото ќе се осврнат Влада Урошевиќ, Венко Андоновски и Оливера Ќорвезироска.
Петре М. Андреевски (25.06.1934, с. Слоештица – 25.09.2006, Скопје) е поет, прозаист, драмски автор, литературен критичар и преведувач, кој со својот многудецениски опус афирмира творештво што го вбројува во најзначајните и најистакнати современи македонски писатели, чии дела – а особено стихозбирката „Дениција“ и романот „Пиреј“ – стануваат општопризнаени дострели на македонската современа книжевност и неодминливо четиво на генерации љубители на литературата.
Првата самостојна збирка песни, „Јазли“, ја објавува во 1960 година, за издавачката куќа „Кочо Рацин“. По неа следуваат збирките: „И на небо и на земја“ (1962), „Дениција“ (1968), „Дални наковални“ (1971), „Пофалби и поплаки“ (1976), „Вечна куќа“ (1987) и „Лакримариј“ (1999).
Првото прозно дело, расказите „Седмиот ден“, го објавува издавачката куќа „Култура“ во 1964 година, а потоа следуваат и: „Неверни години“ (1974, раскази), романите „Пиреј“ (1980), „Скакулци“ (1984), „Небеска Тимјановна“ (1989), збирката раскази „Сите лица на смртта“ (1994), романот „Последните селани“ (1998) и романот „Тунел“ (2003).
Петре М. Андреевски ги пишува и драмите „Богунемили“ (1971), изведена во Драмскиот театар во Скопје, и „Време за пеење“ (1975), изведена во Народниот театар во Битола. Објавува и две книги поезија за деца: „Шарам барам“ (1980) и „Касни порасни“ (1992). Постхумно се објавени неговите раскази „Боемите“ и недовршениот роман „Бежанци“.
Вредноста на неговите дела ја потврдуваат и многубројните награди, како што се: наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, националната награда „11 Октомври“, Рациново признание, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писатели на Македонија и други. Бил член на Македонската академија на науките и уметностите.
Книгата веќе е достапна во сите книжарници „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.