По повод Меѓународен ден на жената – 8 Март, денеска, со секој купен примерок од стихозбирката „Сто љубовни сонети“ од Пабло Неруда во книжарниците „Литература.мк“ ќе следува слатко изненадување. Секоја жена заслужува внимание спакувано во стихови. А песните од ова дело се инспирирани од жената на Неруда, Матилда Урутија. Овие стихови се дефиниција за љубовта што ја негувал кон неа. Но, љубовта на која овие сонети ѝ оддаваат чест не е само саканото тело на поетот туку и пристапен пат што ѝ овозможува на индивидуалната свест да се препознае во битието на светот.
„...со многу понизност ги создадов овие сонети од дрво и им го дадов оној звук на непроѕирна и чиста супстанција“, пишува Неруда. Голотијата што ја избира авторот намерно ги одбегнува звучните и конструктивните рамки на класичниот сонет. Преку ова своеволно скршнување, зборот пулсира и се ослободува од сликите.
Неруда се смета за еден од најголемите и највлијателни поети на 20 век. Тој е добитник на Нобеловата награда за литература и лауреат на „Струшките вечери на поезијата“. Неговите дела се преведени на многу јазици, меѓу кои и на македонски, а новата објава на „Сто љубовни сонети“ е можност новите генерации да се запознаат со неговиот раскошен талент и значајно творештво. Уредничка на книгата е Бисера Бендевска, а новиот препев на македонски јазик го направи Атина Цветаноска.
Ова издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ е прв интегрален препев на македонски јазик на „Сто љубовни сонети“ .
Книгата е достапна и за онлајн нарачка на следниот линк: