Блог

Моџо Килингтон: „СФ – СН“ е потсетник на жртвите во борбата против фашизмот

10.04.2025.
Моџо Килингтон: „СФ – СН“ е потсетник на жртвите во борбата против фашизмот
Моџо Килингтон: „СФ – СН“ е потсетник на жртвите во борбата против фашизмот

Осумдесет години по победата над фашизмот и завршувањето на Втората светска војна, книжевноста потсетува на значењето на борбата за слобода. Под партизанската парола „Смрт на фашизмот – слобода на народот“ и со почит кон сите знајни и незнајни херои,  кои ги жртвувале своите животи за ослободување од окупаторот, авторот Моџо Килингтон напиша партизански роман. Книгата „СФ – СН“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше промовирана вчеравечер (9 април, среда) во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“.

Промоторката на книгата, уредничката Оливера Ќорвезироска, истакна дека „СФ – СН“ најдобро се опишува самиот себеси преку духовитиот, но мошне прецизен поднаслов: партизански роман. Поднасловот функционира и како жанровска одредница, но и како алузија на едно важно време. Тој е логично и природно надополнување на насловот – кратенката на познатото југословенско партизанско мото „Смрт на фашизмот – слобода на народот“, кое се користело и како поздрав меѓу припадниците на движењето на отпорот.

На прашањето зошто се одлучил да напише партизански роман, Моџо Килингтон рече:
– Поради акција и реакција. Кога ти забрануваат да се сеќаваш, кога велат дека треба да си го пресечеш коренот за да расцветаш, тогаш се создава посилен отпор и се отвораат теми кои мислевме дека одамна се затворени. Но, очигледно, некои имаат намера историскиот ревизионизам и фабрикувањето на историјата да ги наметнат како вистина – додека сè уште има живи сведоци на тоа што се случувало. Таквиот ревизионизам, со цел џелатите да ги направи жртви, а жртвите да ги избрише, е современ тек во Европа: препишување и заматување на границите на тоа како било и што било, создавање нови историски наративи. Кога те тераат да заборавиш – твоја должност е да помниш – истакна тој.

„СФ – СН“ е необичен роман – навраќање на едно подалечно време, но и на еден навидум анахрон, дури и соцреалистички начин на пишување. Поигрувајќи си со таквата форма, авторот го реактуализира херојското време од еден личен, љубовен ракурс, со мошне жив и впечатлив еротски пристап. На крајот има и цела песнарка со необјавени песни од еден лик – загинат, непознат поет-партизан... што е досетлива мистификација, која го приближува романот и кон постмодернизмот.

 Љубовниот и еротскиот дел од приказната се противтежа на ужасите на војната.
- Љубовта и сексот се интегрален дел од човековиот живот – ништо поинаку не е ни во војна. Можеби тогаш се јавува и поголема потреба за итност, поради близината на смртта. Во таа смисла, војната на некого му одзема сè, а на друг му дарува љубов. Во двата случаи, главна е страста – која на почеток е омраза кон непријателот, а потоа се трансформира во љубов кон оние со кои се дели судбината. Како и енергијата, така и чувствата не можат да исчезнат – само ја менуваат формата – рече Килингтон.

Иако дејството е сместено во историски период низ кој поминала нашата држава, ликовите се измислени, а приказната е фикција. Моџо вели:
– Вистинито во книгата е опкружувањето во кое живеат и умираат ликовите. Инспирација се сите херои, на чии жртви е втемелена и нашата слобода. Херои чие име можеби не се знае, можеби немаат по нив именувана улица или училиште, а сепак го дале највредното за Македонија – животот. И тоа не смееме да го заборавиме. Пораката на романот е едноставна: да не заборавиме на оние кои ја втемелија слободата на Македонија со својата жртва. Денес многу лежерно ги сфаќаме придобивките од таа борба – ги отфрламе, не размислувајќи за нивната кршливост и за цената што може повторно да се плати за нивното враќање. Самото тоа што во 2025 година постои партизански роман, како реакција на повампирувањето на фашизмот, е доказ дека нема конечна победа, ниту конечен пораз – има само битки кои траат. И не мислам дека се готови – напротив, не се ни почнати тие битки, кои се за сите нас, како Македонци, и лични и историски и општествени одговорности – да не го загубиме во мир она што е стекнато во војна. Самото име на книгата „СФ – СН“ (смрт на фашизмот – слобода на народот) ја носи главната порака на романот. Доволно е само насловот да проструи некаде, да биде на полица, да биде присутен – за да не биде заборавен. Самиот дизајн на книгата е таков што, освен насловот, и илустрацијата е второстепена – па така, независно, може да функционира и како посебно дело со подлабока и помоќна порака од сè што се наоѓа внатре – рече тој на крајот.

Моџо Килингтон е писател, сценарист и активист на социјалните мрежи. Негови досегашни дела се: романите „Есента во животот на професорот по марксизам“, „Уништување“ и „Денот кога не се разбудив“, како и поетската збирка „Аутопсија на љубовта“, сите во издание на „Арс Ламина“.


Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на www.literatura.mk.
Повеќе за програмата на „Видик“ можете да прочитате на следниот линк: https://www.literatura.mk/vidik

Поврзани производи

Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
350 МКД
5,66 EUR

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

14.
Apr.
Блог
Вчера, на 13 април (недела) со почеток во 14 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, се одржа настан посветен на нај...
13.
Apr.
Блог
Вчера, 12 април (сабота) во 21 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, уживавме во уникатниот настап на Зарина Првасевда
12.
Apr.
Блог
Во интимна атмосфера, пред публика која внимателно го следеше секој збор и движење, актерот Игор Ангелов настапи со монодрамата „Сите најубави нешта&ld...
11.
Apr.
Блог
Вчера, на 10 април (четврток), со почеток во 21 часот, публиката во „Литература.мк“ – „Дајмонд мол“ уживаше настапот на Симеон ...
09.
Apr.
Блог
Соѕвездие на детските сни“ со илустрации од најубавите сликовници на Ване Костуранов во рамките на фестивалот „Видик“, во „Литература...
06.
Apr.
Блог
Во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ се случи нешто навистина посебно – претставата „Магичната флејта на Вулф...
06.
Apr.
Блог
Дина Јашари е млада музичаркa, кантавторка, изведувачка, текстописец и продуцентка.
05.
Apr.
Ново
Долгоочекуваната биографија за еден од најголемите музичари на овие простори, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина –...
04.
Apr.
Ново
На 3 април, со почеток во 20 часот, љубителите на театарот имаа несекојдневна можност да ја проследат апсурдната драма „Лекција“ од Ежен Јонеско,...
03.
Apr.
Ново
Промовиран најновиот роман на писателката Оливера Ќорвезироска, „Три Марии“ вчеравечер (2 април) во „Литература.мк“ во „Да...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.53 MB