Блог

Соѕвездие на детските сни – изложба на илустрации на Ване Костуранов

09.04.2025.
Соѕвездие на детските сни – изложба на илустрации на Ване Костуранов
Соѕвездие на детските сни – изложба на илустрации на Ване Костуранов

Илустрираните книги за деца не се неодамнешна појава во светската книжевност. Еден податок говори дека првата книга со слики наменета за деца датира од втората половина на 17 век, а нејзин автор е чешкиот педагог, филозоф и теолог – Јан Амос Коменски. Оваа книга е насловена Orbis Pictus (или во превод, Светот во слики) и претставувала учебник кој нашол широка примена и бил преведен на мноштво европски јазици.

Но, долго време потоа сликовниците не биле предмет на сериозно академско проучување. Тие стануваат предмет на интерес меѓу научниците и книжевните критичари во втората половина на 20 век, кога книжевноста за деца почнува да се етаблира како посебна академска дисциплина. Накратко, во педесеттите и шеесеттите години почнуваат да се појавуваат нови стилови во илустрацијата и во нарацијата, и сликовниците стануваат интересни за истражувачите. Во шеесеттите и во седумдесеттите години, насочените научници како Бруно Бетелхајм и Марија Николаева анализираат теми поврзани со развојот на детето и визуелната писменост. Од осумдесеттите години, па натаму веќе се појавуваат посебни теориски пристапи кон сликовниците, и предмет на расправа станува разликата помеѓу „едноставни“ и „постмодерни“ сликовници.

Инаку, сликовниците се книги (претежно) наменети за деца, кои треба да пренесат информација или да раскажат приказна преку низа слики комбинирани со релативно краток текст или без текст, и тие не се слични на ниедна друга форма на вербална и на визуелна уметност. Тие се разликуваат од сликите што ги гледаме во музеите и галериите по тоа што главната задача им е да помогнат во раскажувањето на приказните. Сликите и текстот во сликовниците се во дијалог и тие се „допишуваат“ и се „дообјаснуваат“ заемно. Впрочем, затоа сликите во сликовниците се нарекуваат „илустрации“, бидејќи служат за да ги разјаснат зборовите, а и другите слики.

Но, од почетокот на веков, и особено по 2010 година, се забележува една појава која станува современ тренд, т.е. илустрацијата почнува да се третира како автономна уметност. Сè почесто почнуваат да се организираат изложби на илустрации од сликовници, и тоа не само во традиционални галериски простори, туку и во алтернативни простори, како библиотеки, книжници, книжевни фестивали, па дури и се отвораат наменски галерии посветени на илустрации од сликовници за деца. Целта на ваквата постапка е да се зголеми свеста за уметничката вредност на илустрацијата.

Целта на изложбата „Соѕвездие на детските сни“ со илустрации од најубавите сликовници на Ване Костуранов во рамките на фестивалот „Видик“, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ е да нурнеме во ониричниот свет на Костуранов, кој првенствено е сликар, а потоа автор и илустратор на книги за деца, барем по редоследот по кој почнал да се занимава со сликарската уметност и со книжевноста.

На факултет нè учеа дека во книжевноста сè е интертекст, дека во секој книжевен текст може да се најдат траги од друг текст, но во различна интерпретација, адаптација, како омаж, како коментар, како апостроф итн., итн. А задачата на компаратистот (не само во книжевноста, туку и во другите области и дисциплини) е да ги препознае и да ги забележи ваквите појави, кои често се вплетени во текстилот од кои е изработен авторовиот текст (слика, друго уметничко дело) и не се секогаш видливи со „голо“ око. Мојата професионална „деформација“ ме наведува да кажам дека Ване Костуранов е нашиот Оливер Џеферс, или Оливер Џеферс е австралискиот Ване Костуранов, и сметам дека ова е голем комплимент и за едниот и за другиот автор. Но, затоа што овој настан е посветен на нашиот Ване Костуранов, компаратистичките нагони за момент ќе ги зауздам и накусо ќе се осврнам на светот на Костуранов како изолиран остров среде пространиот океан.

Илустрациите што ќе ги видите на изложбата нема да ве пренесат во светот на нивниот автор, туку во светот на своите ликови. Тие се светови за себе: лирски, нежни, со заоблени и меки рабови, со топли и смирувачки бои, со приказни со проѕирни контури кои ги прелистуваат страниците на своите книги што останаа да ги чекаат на полиците во домашните библиотеки и во книжарниците, па и во далечните јазици и култури, во кои се вдомиле.

Ѕвезденото дете, Девојчето и мечето, Девојчето и градот, Рекичето, палавиот облак Мирко (последниве две имаат свои текстуални создатели) се нашите книжевни другари со личен опис, со кои сакаме да се дружиме, чиешто место сакаме да го заземеме или, пак, некогаш дамна сме биле истите тие ликови и затоа ни се толку блиски и ни предизвикуваат топли чувства во средсрцето. Со нив сме ја освоиле вселената, фантазијата сме ја претвориле во реалност, реалноста сме ја трансформирале во бајка, сме понирале и сме станале стерна, сме биле немирни бели пеги на небото,... сме растеле без да пораснеме.

Сето ова е само едно од многуте доживувања на овие живи светови на Ване Костуранов. Во овие слики со пропустливи рамки може да се всели секој и секој да ја најде својата лична приказна во нив. Затоа, повелете, раскомотете се и препуштете се, безбедноста на вашата фантазија е загарантирана.      

Бисера Бендевска

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

14.
Apr.
Блог
Вчера, на 13 април (недела) со почеток во 14 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, се одржа настан посветен на нај...
13.
Apr.
Блог
Вчера, 12 април (сабота) во 21 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, уживавме во уникатниот настап на Зарина Првасевда
12.
Apr.
Блог
Во интимна атмосфера, пред публика која внимателно го следеше секој збор и движење, актерот Игор Ангелов настапи со монодрамата „Сите најубави нешта&ld...
11.
Apr.
Блог
Вчера, на 10 април (четврток), со почеток во 21 часот, публиката во „Литература.мк“ – „Дајмонд мол“ уживаше настапот на Симеон ...
10.
Apr.
Блог
Книгата „СФ – СН“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше промовирана на 9 април ...
06.
Apr.
Блог
Во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ се случи нешто навистина посебно – претставата „Магичната флејта на Вулф...
06.
Apr.
Блог
Дина Јашари е млада музичаркa, кантавторка, изведувачка, текстописец и продуцентка.
05.
Apr.
Ново
Долгоочекуваната биографија за еден од најголемите музичари на овие простори, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина –...
04.
Apr.
Ново
На 3 април, со почеток во 20 часот, љубителите на театарот имаа несекојдневна можност да ја проследат апсурдната драма „Лекција“ од Ежен Јонеско,...
03.
Apr.
Ново
Промовиран најновиот роман на писателката Оливера Ќорвезироска, „Три Марии“ вчеравечер (2 април) во „Литература.мк“ во „Да...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.75 MB