Денес, 6 април (недела), во 14 часот во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ се случи нешто навистина посебно – претставата „Магичната флејта на Вулфи“ донесе музика, смеа и инспирација за најмладите, но и за возрасните.
Во прекрасно уредениот простор на книжарницата, публиката имаше можност да ужива во оригиналната приказна инспирирана од животот на Волфганг Амадеус Моцарт. Со нас беа Тина Иванова, Дијана Имери-Илкоска, пијанистот Дино Имери и флејтистката Будимка Имери, кои не само што ја раскажаа, туку и ја оживеаја приказната преку музика и емоција.
Малиот Вулфи, љубопитниот јунак, нè одведе на авантура полна со музика, каде што магичната флејта со својот пискав глас и живи звуци му помогна да ја оствари својата најголема желба – да стане славен музичар. Сцените со чичко Франц и тетка Марија донесоа насмевки и гласна смеа, а музиката на пијано и флејта ги освои срцата на сите присутни.
Настанот беше едукативен, но пред сè – магичен. Она што го направи уште поуникатен беше живата изведба на неколку дела на Моцарт, кои нè потсетија зошто неговата музика трае низ вековите.