Во прекрасната атмосфера на „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, вчера вечерта (5 април, сабота), љубителите на музиката уживаа во вистинско уметничко доживување. На сцената настапија четири млади и инспиративни изведувачи: Дина Јашари, Андреа Мирческа, Лука Тошев и Драган Теодосиев.
Дина Јашари е млада музичаркa, кантавторка, изведувачка, текстописец и продуцентка. Извонредниот пристап кон пишувањето песни, прекрасните сонливи аранжмани, емотивни текстови, современа, модерна и свежа продукција и, секако, хипнотизирачките настапи во живо со полно право ја ставаат Дина на пиедесталот на новата локална музичка сцена. Нејзина главна цел е да создава и изведува нова, свежа македонска музика. Досега има објавено повеќе синглови, едно EP-издание насловено „Дома“ и музичката соработка „Убав ден“ со Дуке Бојаџиев. Во 2022 година, во Белград ја доби наградата „Милан Младеновиќ“ за песната „Дома“. Во 2020 го формира бендот „Другари“, со кој заедно настапува последниве неколку години.
Публиката ја пречека секоја изведба со воодушевување, а атмосферата беше исполнета со енергија, емоции и искрен аплауз.