Во
оваа книга по првпат на едно место можете да ги пронајдете двете драми на Душко
Трифуновски – „Слана“ и „Јазол“ – инаку веќе автор на романот „За два дена рече
’Да‘“. Станува збор за две драми што творат совршена целина и треба да се
читаат како два дела на една иста приказна.
Во
„Слана“ (веќе еднаш објавена во 2015 година) се запознаваме со брачните
партнери Злате и Стојна и нивните деца, Виктор, Маја, Кристина и Марија. На
речиси натуралистички начин, Трифуновски ни го покажува нивното тешко и траорно
постоење, во економска и општествена стварноста на (никогаш споменатата, но
очигледно присутната) современа Македонија. Како што ги снемува парите, така со
нив исчезнуваат и вредностите на стариот систем во кој владее зборот на
таткото, а младите се желни за своето место под сонцето.
Во
„Јазол“, пак, натуралистичкото перо на Трифуновски е надополнето со елементи на
фантастика и примеси на надреалното. По тешките случувања во „Слана“, духовите
на мртвите доаѓаат да ги мачат и да ги опседнуваат живите, кои сè уште се борат
за егзистенција во тешкиот и суров современ свет. Покрај развојот (или падот)
на семејството на Злате, во овие две драми можеме да го видиме и развојот во
стилот на младиот автор, кој бестрашно се впушта во нови писателски искушенија.