Орхан Памук е можеби
најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за
литература во 2006 година. Неговите дела се занимаваат со соочувањата помеѓу
Истокот и Западот, со проблемите на уметноста и на идентитетот, а честопати се
споредувани со оние на Џојс, Набоков и Маркес.
Еден млад Италијанец,
кој патува од Венеција кон Неапол, е заробен од страна на отоманската флота и
однесен во ропство во Истанбул. Таму, во јадрото на големата Империја, му е
предаден на турскиот пронаоѓач наречен едноставно „учителот“, кој е негов
идентичен двојник! Робот е принуден да го научи „учителот“ на сè
што знае за науката, технологијата и медицината, но, исто така, и да му ги
открие своите најдлабоки тајни.
„Белата тврдина“ е
третиот роман на Орхан Памук, во кој на интересен и возбудлив начин се
испреплетуваат историјата и фикцијата, Истокот и Западот, науката и војната – сè
во обид да се одговори прашањето: Кој сум „јас“?