Ова издание на Органска хемија, збирка прашања и задачи со
тестови претставува надополнување и проширување на Националната програма по
хемија за III година гимназиско и II година средно стручно образование. Има цел
на учениците да им помогне полесно да ги совладаат основните концепти од
органската хемија, но и да ги прошири нивните знаења. Освен во редовната
настава по хемија, оваа збирка може да послужи и за подготовка на матурски
испит по хемија, квалификациски испити за упис на факултет, натпревари по
хемија и др., како и да им даде помош на наставниците околу подготвувањето на
часовите за повторување на знаењето и за оценување.
Секоја од темите опфатени
во оваа збирка почнува со кратко теоретско резиме, по што следуваат многубројни
решени примери што се состојат од детални одговори и решенија, вклучително и
комплетни методолошки упатства што му помагаат на ученикот да ги сфати
сложените концепти во органската хемија. Следниот дел, Прашања и задачи за
вежбање, се состои од четири типови
задачи од затворен и од отворен тип (прашања за дополнување, прашања и задачи
со повеќечлен избор, прашања за кои се бара да се изведе заклучок дали се точни
или не и, на крајот, прашања во кои ученикот е соочен со конкретни барања).
Оваа збирка содржи и по два теста за проверка на знаењето на учениците за секое од
тримесечјата, полугодијата, како и годишен тест (вкупно 14).
Прашањата, задачите и тестовите се
составени од истакнати домашни автори со долгогодишно работно искуство во
наставата, а со тоа ова издание на збирката станува незаменливо помагало во наставата по хемија во
средното образование.
Одговорите на прашањата и решенијата на
задачите содржани во оваа збирка можете да ги најдете на нашата интернет-адреса
resursi.literatura.mk.