Тоа
беше мала книшка по обем, со сосема обични корици, еднобојни, но, допрени од
времето, личеа на печена глина и го имаа оној карактеристичен мирис на стара
хартија. Сосема обично и логично. Насловот: Adeptus Anonimus –
Sommnium. Година на издавање
1890, Лондон. Издавач: Теозофско Друштво. Морав да седнам. И седнав во еден
ќош. Изненадувањето ми беше огромно, но не знам дали поради него, со голема
брзина во мојата глава минуваа и се менуваа и борхесовиот сон и еден одамна
прочитан и заборавен сон на Јунг, а го видов и Успенски – иако не знаев како
изгледа – како ù вели на една мачка: ако
е ова сон, оваа мачка нека се престори во пес.