Овој практикум првенствено им е наменет на студентите од
Педагошкиот факултет „Св. Климент
Охридски“ во Скопје кои го слушаат предметот Македонски јазик со култура на изразувањето 2 на групите
Одделенска настава и Предучилишно
воспитание, на македонски, на албански и на
турски наставен јазик, како и на студентите кои го слушаат предметот Македонски јазик на групата Библиотекарство.
Но, може да им послужи како
корисно јазично помагало и на учениците од основните и од средните училишта, како и на сите оние што
сакаат да ги проверат своите знаења од областа
на морфологијата и на синтаксата.
Практикумот произлегува од повеќегодишната наставна практика спроведувана на горенаведените студиски
програми, но и од потребата да им
се доближат на студентите основните морфолошки и синтаксички знаења од теориски и од практичен
аспект. Оттука, неговата основна цел е да
придонесе кон полесно и поуспешно совладување на понудениот јазичен материјал и оспособување на студентите
за негова практична примена не
само во нивната работа како идни учители и воспитувачи туку и во секојдневната јазична комуникација.