Е-адреса: Лозинка:
















  • 13.10.2016
    Литература.мк од интернет на улица Македонија
    Книжарницата „Литература.мк“ од интернет се сели на улицата „Македонија“

    Во строгиот центар на Скопје, на најфреквентната пешачка артерија, се отвора ексклузивна книжарница „Литература.мк“, која од интернет сега се сели на улицата „Македонија“, бр. 21 (спроти спомен-куќата на Мајка Тереза).

    „Литература.мк“ постои на интернет веќе пет години, а сега ја отвора и својата прва „физичка“ продавница. Во простор од 80 m2, со врвно ентериерно уредување, книжарницата „Литература.мк“ ќе ги донесе светските книжарски трендови во Скопје и изданијата на најголемите домашни издавачки куќи, задоволувајќи го вкусот и на најпребирливите вљубеници во книгата.

    Како веќе препознатливо место за страсните љубители на книгата, вљубеници во пишаниот збор и талкачи низ бескрајниот литературен простор, „Литература.мк“ ќе понуди богата програма, разни случувања и содржини секој ден, наменети за сите возрасти и за сите вкусови: литературни и музички дружења, гостувања на домашни и на странски автори, креативни средби и едукативни работилници за најмалите читатели итн.

    „Нашата визија беше книжарница каква што вистински ù прилега на улицата ’Македонија‘, ’најважната улица‘ во Скопје што отсекогаш била симбол за престиж. Улицата ’Македонија‘ е колепката на македонското граѓанство и отсекогаш била средиштето на напредокот и на новата мисла, центар на интелектуалниот, трговскиот, па и на ноќниот живот на градот“, вели Дарко Фиданоски, еден од сопствениците на книжарницата „Литература.мк“. „Сакаме ’Литература.мк‘ да го врати тој сјај и живот на улицата ’Македонија‘, да биде сврталиште на љубителите на книгата, на случајните минувачи, на уметниците, бизнисмените, на студентите, пензионерите, на намерниците кои тргнале во саботен шопинг, на љубителите на добро кафе и добра музика“, додава Фиданоски.

    Книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ ги отвора вратите на 15.10.2016 во 19.30, а веќе од понеделник почнува со најавената програма и со предвидените содржини.

    „Литература.мк“ претендира да прерасне во вистинска „книжарница на Македонија“, почнувајќи од улицата „Македонија“, епицентарот на метрополата, и ширејќи ја својата мрежа низ целата земја.





  • 02.11.2015
    Онлајн ресурси на obrazovanie.literatura.mk


    Преку страницата ОБРАЗОВАНИЕ (obrazovanie.literatura.mk) ќе можете да ги најдете сите потребни материјали и ресурси првенствено во врска со предметите Математика и Природни науки во основното образование, како и мноштво дополнителни идеи за реализација на наставата.

    Покрај ресурсите за наставниците, интернет страницата нуди и бројни совети за родителите, за работа со децата и идеи за проекти надвор од училницата.

    Страницата постојано се надополнува, со помош на тимот уредници и стручната редакција, кои работат на создавање и дополнување на содржините.


  • 06.05.2015
    Арс Ламина и Literatura.mk на Саемот на книгата 2015


    Над 300 нови наслови, големи саемски намалувања, промоции и средби со реномирани автори, креативни работилници, проекции, конкурс за краток хумористичен расказ, многу настани и забава, награди и подароци – ова е само дел од она што годинава Арс Ламина публикации ќе го понуди на својот штанд на Саемот на книгата.

    Љубителите на добрата книга знаат дека на штандот на Арс Ламина и овој пат ќе ги можат да ги најдат некои од најновите светски бестселери и биографии. На годинашниот саем, Арс Либрис ќе ги претстави и најновите наслови: „Јас сум Малала“, од 17-годишната Малала Јусафсај, девојката којашто се бореше за образование и беше застрелана од талибанците, воедно најмладиот добитник на Нобелова награда за мир; „Д-р Сон“, долгоочекуваното продолжение на безвременскиот бестселер „Сјаење“ од мајсторот на хоророт и раскажувањето, Стивен Кинг; „Книга за телото“ на филмската ѕвезда Камерон Дијаз – моќен и инспиративен прирачник за секоја жена; „Девојката што го спаси кралот на Шведска“, нов, урнебесно смешен и заводлив роман на Јонас Јонасон, авторот на бестселерот „Стогодишникот кој скокна низ прозорецот и исчезна“; романот „PR“ на Александар Илиќ, виртуелна љубовна приказна во една елитна белградска PR-агенција; и многу други.

    Наши специјални гости на саемот ќе бидат српските писатели Игор Маројевиќ, автор на романот „Белграѓанки“, кој неодамна беше објавен на македонски во издание на Арс Либрис, дел од Арс Ламина публикации, како и младиот, а веќе многу успешен, писател Александар Илиќ, автор на романот „PR“, кој ќе биде промовиран токму на годинашниот саем.

    Во поглед на стручната литература. Арс Ламина веќе има изградено портфолио од над 700 стручни наслови од најразлични области, од право и економија, архитектура и градежништво, до медицина, земјоделство, информатика итн., што на саемот ќе бидат достапни со попуст и до 50%.

    Оваа година, Арс Ламина публикации исто така го прошири своето портфолио и во сегментот на детската литература, преку импринтот Либи. Покрај успешниот домашен детски роман „Што сонуваше Дедо Мраз“ на Билјана С. Црвенковска, издаден во декември 2014 година, со што како издавач го означивме влезот во светот на детската литература, на саемот Либи ќе се претстави со уште 50-тина нови детски наслови, меѓу кои и копродукциските изданија „Пчеличката Маја“, серијалите „Мачки детективи“ и „Замокот на стравот“, како и домашните изданија – серијалите „Дина и Додо“, „Матеј и Луна“ и низа забавно-едукативни изданија за различни возрасти. Во рамки на овој сегмент, на саемот ќе бидат организирани средби со авторката Билјана С. Црвенковска, како и разни забавно-едукативни работилници за деца.


  • 04.12.2014
    Новa страница на Литература.мк

    Драги пријатели, наставници, просветни работници, родители, креиравме ново место за вас - obrazovanie.literatura.mk. Тука ќе можете да ги најдете сите потребни информации во врска со програмата по математика и природни науки за основно образование поред програмата на Кембриџ, совети за родителите, дидактички ресурси за наставниците, како и дополнителни идеи и материјали за реализирање на наставата по овие предмети. Ве покануваме да ја посетите интернет страницата! Вашите мислења и сугестии се добредојдени на obrazovanie@literatura.mk


  • 20.08.2014
    Имаме блог!

    Секој момент поминат со книга е момент поминат во прекрасно патување. Токму затоа, имаме едно мало изненадување за вас. Веќе некое време го крчкавме и конечно сме подготвени да ви го претставиме - нашиот нов блог на Литература.мк

    Ве покануваме на книжевно патешествие заедно со Литература.мк. Пишете ни како ви се допаѓа на blog@literatura.mk :)


  • 15.06.2014
    Настан за децата со аутизам во Скопје ЗОО

    Во организација на Арс Либрис, здружението „Во Мојот Свет“ и Скопје ЗОО 

    Денеска, во скопската зоолошка градина, заедно сo Здружението „Во мојот свет“ организиравме заедничка акција за децата со аутизам.

    Децата со аутизам се дружеа, цртаа, се возеа на ЗОО вовчето, јаваа пони и галеа животни, а посетителите на зоолошката имаа можност да се запознаат со предизвиците на оваа состојба и да разберат што е она што се случува во умот на едно аутистично дете, преку книгата „Зошто сакам да скокам“, која претставува вистинска лична приказна на ова тринаесетгодишно аутистично дете.

    Приходите од продажбата на оваа книга се наменети за помош на децата со аутизам од социјално загрозените семејства да добијат соодветен третман.

    Ве покануваме и вие да се вклучите во оваа хуманитарна акција! Прочитајте ја книгата „Зошто сакам да скокам“ и донирајте за децата со аутизам!



  • 09.06.2014
    Донаторска акција за аутизам во соработка со Ротари Клубот Скопје – Центар

    На 6 јуни, Арс Либрис во соработка со Ротари Клубот Скопје – Центар и Здружението за третман на лицата со Аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет“, организираше донаторска акција за помош на децата со аутизам.

    Имено, во рамки на настанот кој го организираше Ротари Клубот Скопје – Центар по повод петгодишнината од чартерувањето, Арс Либрис и Здружението „Во мојот свет“ повторно ја претставија книгата „Зошто сакам да скокам“ - вистинска лична приказна на едно аутистично дете, а гостите го дадоа својот придонес во акцијата со купување на книгата и донации.

    Средствата собрани од овој настан ќе бидат исто така наменети за помош на децата со аутизам од социјално загрозените семејства да добијат соодветен третман.


  • 30.05.2014
    Промотивно на Off Fest: Биографија на Мулату Астатке, таткото на етио-џезот

    По повод гостувањето на Мулату Астатке во Скопје во рамките на Off Fest, Арс Либрис ја промовира биографијата „Мулату Астатке: Како се создава етио-џез“.
     
    Мулату Астатке е таткото на етио-џезот. Тој е еден од најзначајните синови на културата на Етиопија и воедно еден од најуспешните џез-музичари на светот. Астатке бил првиот музичар од Етиопија школуван во странство (Лондон, Њујорк и Бостон) и првиот африкански студент примен на престижниот музички колеџ „Беркли“, кој во 2012 година го наградува со почесната титула Доктор по музика. 

    Како водач на неколку групи, тој свири вибрафон и конги - инструменти што ги пренел во етиопската популарна музика, заедно со други ударни инструменти, клавијатури и органа. Поширока слава меѓу западната публика доживува во 2005 година, кога се појавува како автор на седум композиции од саундтракот за филмот “Broken Flowers” на Џим Џармуш.

    Книгата „Мулату Астатке: Како се создава етио-џез“ претставува осврт на животот и музиката на овој 70-годишен музички иноватор, композитор, аранжер, инструменталист, радиопрезентер, сопственик на клуб и семеен човек, кој и ден-денес живее и работи во Адис Абеба, со ист жар и со иста живост како и во неговата младост. Книгата е дел од проектот на Универзитетот на Етиопија, во соработка со Зома центарот за современа уметност. 

    Во текот на Off Fest, книгата ќе биде достапна по цена од 150 денари.